Хан: Откако се собраа доволно потписи очекуваме претседателот да го даде мандатот

Сподели

Откако се собраа доволно потписи за пратеници, со нетрпение ги очекуваме следните чекори. Сега очекуваме претседателот да му даде мандат за формирање на нова влада на кандидатот од партиите што имаат мнозинство во Собранието, во согласност со Уставот, се вели во изјавата на еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан на веб-страницата на Европската комисија, откако ДУИ синоќа одлучи потписите за формирање на Влада да ги даде на СДСМ.
Хан, во изјавата вели дека, промените во демократските општества се природни и треба да бидат прифатени, кога се резултат на кредибилни избори.
– Прифаќање и почитување на изборните резултати и правото на лидерите да се обидат да формираат влада е знак на зрела демократија. За попречување и поткопување на таквите напори, нема место во демократскиот процес. Оттука, очекуваме сите страни да ги почитуваат демократските принципи и стандарди, да се вклучат конструктивно со цел да се изнајде основа за заедничка работа и соработка, наместо да се трага по можности за поткопување на едни со други. Таквите пристапи во минатото, ја однесоа земјата во криза. Тие мора да се избегнуваат од сите страна, без разлика дали се во влада или се опозиција. И владата и опозицијата имаат улога и значење во функцинирањето на демократија и ја формираат иднината на земјата – се вели во изјавата на Хан.
Тој додава дека заедничка обврска на сите партии е земјата да ја движат кон евроатланскиот пат, што е национална стратешка цел која нуди широка основа за соработка за потребните реформи. Според него, тоа е она што граѓаните го бараат и го заслужуваат.
– Затоа, ги повикуваме сите релевантни актери, вклучувајќи го и претседателот и Собранието, за да дејствуваат во целосна согласност со Уставот и на одговорен начин, да се овозможи брзо формирање на влада која ќе се посвети на реформите – додава Хан.