Еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, денеска соопшти дека во земјава повторно ќе испрати независна група правни експерти, предводени од Рајнхард Прибе, која треба да помогне и да ја советува новата Влада околу прашањата за владеењето на правото.
Испраќањето на експертската група, вели Хан, е дел од подготвеноста на Европската Унија да работи и да ѝ помага на новата Влада во спроведувањето на реформите.
– Оваа група ги вклучува истите експерти што го подготвија извештајот со препораките повразни со прислушуваните комуникации во 2015 година. Нивната работа придонесе за реформските приоритетите што ги состави Комисијата и беа вметнати во Договорот од Пржино. Експертската група ќе ја посети земјата наскоро за да изврши анализи на актуелната ситуација, ќе се надоврзе на претходните наоди и ќе обезбеди препораки како да се одговори на проблемите поврзaни со системското владеење на правото, каде имаше назадување во изминатите неколку години – вели Хан.
Еврокомесарот додава дека побарал од шефот на Делагацијата на ЕУ во земјава, Самуел Жбогар, да разговара со новата Влада за пошироките реформски приоритети поврзани со Европската Унија, со конкретни рокови за спроведување и за тоа како ЕУ може да помогне во спроведувањето на реформите.
– Ние сме посветени да работиме со новата Влада, како и со опозицијата, на враќањето на земјата на патот на интеграциите во ЕУ, што граѓаните го посакуваат и го заслужуваат – стои во изјавата на Хан.