Хелсиншки бара надлежните итно да создадат услови за образование и на децата со попреченост

Сподели

 

 

Уште со почетокот на пандемијата на КОВИД-19, децата со посебни образовни потреби, а особено децата со попреченост, се соочија со бројни предизвици во образовниот процес. Онлајн платформите за учење на далечина во нашата земја, кои го заменија редовното образование ги исклучуваа најголемиот дел од децата со попреченост. Организацијата на Обединетите нации укажа на опасноста од зголемена ексклузија на децата со попреченост во процесот на образование како резултат на моменталната криза. Се проценува дека децата со попреченост ќе имаат најмалку корист од примената на алтернативните решенија за учење на далечина, на што се надоврзува недостатокот од поддршка во домот, непристапноста до  интернет, непостоењето на пристапен софтвер и наставни материјали.

Со новиот Закон за основно образование, кој беше донесен пред точно една година и започна со примена во учебната 2019/2020 година, основното образование беше институционално, кадровски и содржински организирано да овозможи инклузија на сите деца во редовното образование. Меѓутоа, новата учебна година започнува за две седмици, а се уште не се донесени сите подзаконски акти кои требаше да обезбедат соодветна имплементација на Законот и инклузија на децата со посебни образовни потреби во образовниот процес од секој аспект. Дополнително, состојбата на пандемија само ги потенцираше бројните недостатоци во имплементацијата на Законот, за кои во неколку наврати алармираше и Хелсиншкиот комитет. Имајќи предвид дека се уште не е објавен оглас за избор на образовни асистенти, право кое во текот на претходната учебна година можеа да го користат само мал број деца од сите оние кои имаа потреба, постојат индиции дека и со почетокот на новата учебна година децата со попреченост нема да бидат во можност да го користат ова право.

Според препораките од Посебниот извештај на Народниот правобранител за предизвиците, проблемите и предностите на реализираната онлајн настава (далечинско учење) за учениците со попреченост во посебните основни и средни училишта, кој беше објавен на 10 август 2020 година, наставата за ученици со попреченост е најдобро да се изведува со физичко присуство на учениците во училиште, под директно водство од страна на наставниците и стручните лица, од причина што училиштето располага со потребните наставни, едукативно-дидактички материјали, средства, опрема и технички услови кои се неопходни за стекнување на знаења и вештини кај учениците, како и за нивен целокупен сестран развој. 

На прагот на новата учебна година, се уште голем дел од учениците немаат пристап до интернет и компјутерска опрема, а немаат пристап ниту до соодветни наставни материјали за реализирање на онлајн настава, кои се од особена важност за децата со попреченост. Оттука, Хелсиншкиот комитет за човекови права апелира до сите релевантни институции при донесувањето на одлуката за изборот на модалитетот на работа на училиштата во новата учебна година, да ги земат предвид и потребите на децата со попреченост односно да обезбедат соодветни услови за нивно непречено вклучување во образовниот процес.