Жените во Македонија се уште се соочуваат со дискриминација по основ на пол и род во сите општествени процеси, без притоа да имаат заштита на нивните права, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Од таму потсетуваат дека текстилните работнички, жените од руралните средини, жените Ромки, жените жртви на насилство, жените со попречености, спаѓаат меѓу најранливите групи во нашето општество, за кои државата се уште не презема суштински мерки кои би го подобриле нивниот социјален и општествен статус.

„78 отсто од жртвите на физичко насилство се жени додека 98 отсто од сторители на семејно насилство се мажи. Од 2008 до 2016 година, регистрирани се 70 фемициди од кои 15 се случиле само во периодот од 2013 до 2016. Над три четвртини од случаите на семејно насилство не се пријавени во ниту една јавно достапна служба. Најчестата причина поради која девојчињата го напуштаат училиштето се малолетничките бракови. 81 процент од вработените во текстилната, кожарската и чевларската индустрија се жени и тие се едни од најниско платените работнички со 35 отсто пониска просечна плата од просечната плата на државно ниво“, се вели во соопштението.

Според Хелсиншки комитет, ратификувањето на Конвенцијата на Советот на Европа за превенција и борба против насилството врз жената и семејното насилство, позната како Истанбулска конвенција, претставува најзначајниот чекор, кој оваа Влада го направи во борбата со насилството врз жените и домашното насилство.

Но, постсетуваат дека изминатиов период бевме сведоци на неколку случаи на насилство врз жени, вклучително и сексуално насилство врз малолетно девојче, штитеник на Јавната установа за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми „25 мај”3, кои претставуваат само примери на целосно нефункционалниот систем за грижа и заштита на жените и девојчињата.

„Од овие причини бараме државата итно да започне со промена на законската рамка и собирање на статистички податоци за регистрирање на сите форми на родово базирано насилство, да обезбеди сервиси за жените и девојчињата жртви на насилство и да им обезбеди заштита на сите жени чии права секојдневно се прекршуваат“, апелираат од Хелсиншки комитет.