На 22.септември во Градскиот парк – Скопје, на Школка ќе се одржи петтата по ред хуманитарна манифестација “ПОДАЈ РАКА” за поддршка на лицата со Вилсонова болест во Македонија!
Целта на оваа акција е да ја подигнеме свеста на јавноста за Вилсоновата болест, да ја поттикнеме социјална вклученост на лицата кои се соочуваат со оваа болест, како и да поттикнеме што повеќе луѓе на рекреација и подобрување на нивната општа психофизичка состојба.
“Инспирирани од одличната атмосфера на претходните изданија на ПОДАЈ РАКА, оваа година ве чекаме со богат настан кој го карактеризираат традиционалната штафетна трка и најслатката детска трка, но и добрата забава која ќе ја поддржат наши реномирани музичари и многу изненадувања!
Горди сме што заедно со несебичната помош и подршка на хуманите луѓе и општествено-одговорните компании, кои ги поддржаа претходните изданија на ПОДАЈ РАКА, успеавме во 2015 да набавиме реагенси за рана детекција и следење на Вилсонова болест, во 2016 да ја организираме првата регионална конференција за поврзување на пациенти и доктори од Македонија, Бугарија, Србија и Австрија, во 2017 да постигнеме значителни чекори напред во решавање на потребата од законско препознавање и регулирање на ретките болести, а во 2018 да го организираме првиот едукативен Вилсон караван со акредитирани предавања низ Македонија со цел рано препознавање на симптомите на Вилсонова болест.
Оваа година продолжуваме со активно подигнување на свеста на стручната и пошироката јавност за Вилсоновата и другите ретки болести, и со поддршка на лицата и семејствата засегнати од оваа болест.
Со овој настан сакаме да им дадеме поддршка на сите лица кај кои најчесто како последица на ненавремена детекција, ретките болести оставиле непоправливи последици, како и да им оддадеме почит на оние кои прерано го изгубиле својот живот борејќи се со нив. Лицата со ретки болести имаат право да не бидат невидливи во општеството. ПОДАЈ РАКА!”