ИГНОРИРАЊЕ НА СЕКУЛАРНОСТА И ЗУЛУМИТЕ НА ПОРТОКАЛОВИОТ КЛЕР -Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

Сите луѓе, отсекогаш, се исправени пред егзистенцијалниот страв, пред оној страв кој егзистира во длабината на срцето, страв да се соочат со светот и животот кои се лишени од смислата. Пред тој страв, залудно е да се покажува безгрижност или храброст. И токму со тој страв играат сите религии, па продавале од искона, а продаваат и денес утеха во форма на живот после смртта. Но, одамна умните кажале, покажале и докажале дека таа религиозна утеха е обична глупост и чиста навреда за здравиот разум, дека таа празна и бесмислена утеха е само „вербален опиум“, еден вид наркотично средство за држење во покорност на народните маси. Затоа, всушност, најпрецизно и највистинито е ако се рече дека животот е само – добар или лош пат до смртта! И ништо повеќе од тоа!

Кај нас секуларноста е сериозно нарушена, поповите и оџите нè убедуваат дека тоа е природно и добро, а нивната вмешаност во политиката е сè посилна, погласна и појасна. Всушност, игнорирањето на секуларноста, испреплетеноста на политиката и верското дејствување, директната и нескриена ангажираност на поповите и оџите во политичката битка за власт, само ги потврдува зборовите на Махатма Ганди: „Тие кои велат дека религијата нема ништо со политиката, не знаат што е религија.“

Во овие зимски и пролетни месеци од две илјади и седумнаесеттата година, ние дефинитивно видовме дека македонскиот народ, оној чесен и трудољубив македонски човек кој ора, копа, тегни и создава за нивниот лагоден живот, е „неизмерно љубен“ од комплетниот македонско-православен портокалов клер, кој седејќи на црковните трпези низ нашата мила Татковина со чаша вино и со поглед на полуголите вернички кои го изразуваат својот религиозен занес при сакралните обреди, неизмерно ги „почитува“ и „сака“ двете македонски знамиња, односно она античкото, ама и она државното, што едно време, на демохристијаните, им личеше на вентилатор. Тој наш „патриотски“ клер, во своето ненадминливо родољубие и народољубие, го „љуби“ и македонскиот јазик, и македонската традиција, и македонските калуѓерки, а понекогаш и младите калуѓери, и православната вера и црква, и скапите џипови, и големите луксузни куќи, и македонската историја од паганската антика до портокаловото православно-политичко манихејство…

Нашиот „доблесен“ и „исклучително чесен“ православен клер покажа дека толку многу го „љуби“ својот македонски богобојажлив народ, што поповите и владиците, заедно со своите светци од иконите, беа редовни „гости“ на профашистичките митинзи на кои според портокаловата пропаганда ни се „случуваше народ“ и на кои, наводно, се бранеше унитарноста, а, фактички, сè тоа може и треба да се сведе на одбрана на портокаловиот и црковниот криминал, блуд и разврат. Сфативме и дека овие наши забрадени патриоти биле љубители на црвената и жолтата боја кои се „изворно македонски бои“ и со кои беше обоена „македонската борба“ против клетите комуњари, злобните масони, ционисти и остатокот од светот. Дури осознавме дека тие раскалашеници и аморални проповедници во црни мантии, толку ги љубеа својот народ и својата земја, што на своите редовни богослужби и јавни настапи фрлаа најгрозоморни анатеми врз социјалдемократите, кои сосема „извесно“ сакаа да ја „шиптаризираат“ Македонија. Затоа некои од нив, „оправдано“, најнапред индиректно го поттикнуваа, а отпосле го оправдуваа, тепањето на оние кои во парламентот ги „кршеа“ процедурите и „светиот“ македонски Устав.

Разорувањето на секуларноста во нашиот средновековен театар, со митопоетично име „Македонија“, може да се детектира и преку зачестените случаи на говор на верската омраза, евидентниот религиозен фундаментализам со потенцијал за религиозен тероризам, па дури и со исклучително интензивната градба на бројни верски објекти и верски симболи во просторот. Сето ова креира во нашето општество една средновековна и морбидна атмосфера, излачува отровна омраза и поделба, создава милитаристичко националистички глуперди кои произведуваат само кичерско творештво и неартикулирана националшовинистичка реторика, раѓа еден фашизоиден човек кој е спремен, како што видовме на крвавиот четврток, да убие во името на верата и портокаловата партија. Сиот тој религиозен кич, сета таа ветва медијавелна реторика и сирова фашизоидност се наметнуваат како културни и политички идеали и парадигми за живеење во оваа  наша македонска држава. Ако, не ги промениме овие антисекуларни тенденции, тешко дека Македонија ќе фати приклучок со цивилизираниот свет.