Игор Југ доби 30 дена притвор: Осомничен е дека бил водач на групата во Собранието

Сподели

Игор Југ се враќа во Шутка. Ваква одлука донесе судијата на претходна постапка по барањето на јавното обвинителство, откако истече 8 дневниот притвор кој му беше претходно одреден. Изутринава Југ беше донесен во кривичниот суд, а по речиси пет часовно испрашување, му беше соопштена одлуката за нов 30 дневен притвор, пренесе 24Вести.

„Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за определување мерка притвор против лицето И.Ј. за кое постои основано сомнение дека сторил кривично дело Учество во толпа што ќе изврши кривично дело и кривично дело Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки матери, судија на претходна постапка го прифати предлогот и определи мерка притвор во траење од 30 дена“, соопштија од Судот.

Основното јавно обвинителство пак ја прошири истрагата и сега освен за Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје, го товари Игор Југ и дека преземал дејствија како водач на толпата која упадна во законодавниот дом на 27 април. За кривичното дело Учество во толпа што ќе изврши кривично дело е предвидена затворска казна од 1 до 10 години.

Ваквата мерка, обвинителството ја побара од судот поради постоење опасност од бегство, попречување на истрагата, како и можност за повторување на делото.

Игор Југ беше недостапен за органите на прогонот речиси пет месеци, а полицијата го пронајде пред 8 дена во станот на неговиот татко кој се наоѓа на кумановскиот плоштад. Тој беше активен на социјалните мрежи, а по последната објава на Фејсбук во која имаше закана до Никола Груевски, во затворот во Шутка беа одземени неколку мобилни телефони и беа поставени блокатори.

24Вести