Заклучно со 12 септември во Македонија од ковид-19 починале 6.277 лица, а според извештајот на Институтот за јавно здравје, меѓу нив се 31 здравствен работник, седум трудници и пет пациенти кои се воделе како реинфицирани.
На 8 април 2021 година во земјава се регистрирани најголем број смртни случаи од ковид-19, дури 49.
Од регистрираните смртни случаи од ковид-19, најголем дел се на возраст над 60 години. Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години.
Регистрирани се 3.805 смртни случаи кај лица од машки и 2.472 кај лица од женски пол. Од починатите, кај 4.627 (73,7% од лицата за кои има податок) се регистрирани коморбидитети, најчесто кардиоваскуларна болест (n=3.735), дијабет (n=1.559) и белодробна болест (n=693). Од пријавените случаи на реинфекција, 5 завршиле со смртен исход. Регистрирани се 7 смртни случаи кај бремени жени и 31 смртен случај кај здравствени работници. Од пријавените случаи, 371 (5,9%) починале во вонболнички услови, а 5.906 (94,1%) починале во болнички услови.
ИЈЗ регистрира дека највисок морталитет има во Прилеп и во Охрид. Највисок леталитет се регистрира во Крушево и во Струга. Репродукцискиот број на заразени од ковид-19 (R0) во Македонија изнесува 0,97 заклучно со 12.09.2021, се вели во извештајот на ИЈЗ.
Според категоризацијата на ризикот и проценката на ситуацијата земајќи ги предвид индикаторите на СЗО за можноста за понатамошна трансмисија и капацитетите за одговор на земјата, се проценува дека Македонија е во фаза на широка трансмисија, под ниво 3, со умерени капацитети за одговор.