ИЛИ-ИЛИ: Нова книга „АБ’Т“ од Оливера Ќорвезироска

Сподели

 

Утре од печат излегува новата книга од Оливера Ќорвезироска специфично насловена „АБ’Т“, во издание на ИЛИ-ИЛИ.

 

 

По теориската „Еден текст и една жена“ (2016) и збирките раскази „(СО)шиени раскази“ (2017) и „Улиците што ги нема“ (2018), ова е четврта соработка на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ со еминентната книжевна критичарка и писателка. По 14-годишна пауза и нејзиниот тогаш прв роман „Заклученото тело на Лу“ (Магор, 205), Ќорвезироска повторно влегува во романескните води и ни го „подарува“ можеби нејзиниот најличен ракопис, како 175 наслов во популарната едиција „ПРОаЗА“.

Корицата на книгата ја изработија Марија Смилевска и Владимир Лукаш, а нејзиното излегување е помогонато од Министерството за клутура на РСМ. Романот веќе од утре ќе може да се набави во книжарницата „ИЛИ-ИЛИ“, а во следните денови и во останатите книжарници во Скопје и низ државава.

***Извадок

„Кондураџискиот занает со години затворен во малото сопче во подрумот, скришно излегуваше оттаму кога најмалку мислевме на него. Најчесто како збор. Сред обичен разговор, кој било од нас ќе кажеше гленк, луб, обртаљ, цвик, пенче. Или како нагласен мерак за чевли на сите нас. Секој што ќе нѐ загледаше, можеше да види дека сите секогаш имавме беспрекорни обувки. Занаетот затворен во малото сопче во подрумот, секогаш кога купувавме обувки излегуваше од заточеништво и доаѓаше со нас по продавници. А сите, мама, Час, Вера и јас, и онака бевме опседнати и строго се владеевме според кондураџискиот хороскоп што го беше создал татко ми како сопствен поглед на светот и на поделбата на луѓето во него: на оние кои кинат чевли и на оние кои не кинат; на оние на коишто долго им траат чевли и на оние на кои брзо им се износуваат. „Тоа зависи од денот на раѓањето“, велеше татко ми. „Родените во првата половина од кој било месец, не кинат чевли. Сите родени во втората половина од месецот, чевел не можат да свртат“.

Биографија на авторката

Оливера Ќорвезироска (1965) е македонска писателка и критичарка, авторка на следниве книги: „Страдањата на младиот лектор“ 2000, „Сплетени раскази“ 2003, „Две перници“ 2010, „Новелички без шеќер“ 2017, „Сошиени раскази“ 2017, „Улиците што ги нема“ 2018 (раскази за возрасни); „Заклученото тело на Лу“ 2005, „Аб’т“ 2019 (романи за возрасни); „Отвораат ли сништата работа“ 1999, „Еден Текст и една жена“ 2016 (критика и есеистика); „Кифличката Мирна“ 1993 и „Мојот брат од тринаесеттиот кат“ 2001, преиздадени 2018 (романи за деца); „Дедо Миле“ 2000, преиздадена 2019 (сликовница); „Трети кат“ 1982, „Високите бели“ 1989 (поезија).