Kоалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ вечерва до Државната изборна комисија ги достави листите со кандидати за пратеници.
Претходно кандидатските листи во сите седум изборни единици беа утврдени на седница на Централниот комитет.
Носител во првата изборна единица на коалицијата е Никола Поповски, во втората Никола Тодоров, а во третата Илија Димовски.
Листата на коалицијата во четвртата изборна единица ја предводи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, Антонио Милошоски во петтата, Влатко Ѓорчев во ИЕ шест, а во седмата изборна единица Рамазан Ифтаровски.
– Листите се составени од лица кои уживаат висока доверба и поддршка во средините каде што живеат и од каде што доаѓаат, изјави Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ по поднесувањето на листите исткнувајќи дека со нив коалицијата ќе освои 63 пратеници на изборите.
На новинарско прашање во однос на позиционирањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во четвртата изборна единица, Димовски рече дека граѓаните во таа изборна единица најдиректно ќе одлучат кој треба да ја раководи Република Македонија и кој треба да биде премиер на државата, дали господинот Груевски или господинот Заев.
– После сите напади на политиките што ги водевме, после сите лаги и манипулации цениме дека оваа одлука на ВМРО-ДПМНЕ Груевски да ја води изборната единица четворка е најсоодветна. Досега природно беше во првата изборна единица да се соочуваат лидерите, но господинот Заев е тој кој што избега од соочување, а од денеска мислам нема каде да бега повеќе, изјави Димовски.
Претходно листи со кандидати за пратеници до ДИК доставија опозициската коалиција, предводена од СДСМ, Коалицијата за промени и правда, Коалицијата ВМРО за Македонија, ДУИ, ДПА, ПДП, ЛП, Левица и Беса.