Импресивен настап на Битолскиот театар во Тирана

Сподели

 

Импресивен беше вчерашниот настап на Битолскиот театар во Тирана, фантастичен. Публиката аплаудираше цели 15 минути стоејќи и поклонувајки се пред нашите извонредни глумци и режисерот Qendrim Rijani.
 
Вчеравечер на покана и во организација на македонскиот Културно информативен центар во Тирана, гостуваше Битолскиот театар со претставата “Артуро Уи” во режија на Qendrim Rijani.
 
 
 
 
Претставата се одигра на македонски јазик, (имаше титлуван превод на албански), после 30 години последно гостување на македонски театар во Тирана.
 
Глумците имаа маестрална изведба, која на крајот предизвика бура од воодушевување кај публиката. Голем број албански медиуми пишуваа и известија за настапот на нашиот театар во “Артурбина театар” во Тирана.
 
 
 
 
 
Театарот беше исполнет до последното место, дел од луѓето седеа на скалите. Во публиката беа и почитуваните министерки за култура, Бисера Костадинова Стојчевска и Елвита Маргарити, како и амбасадори на десетина земји, мнозина најпопуларни албански глумци, уметници, композитори и луѓе многу познати во медиумскиот живот на Република Албанија.
 
Ова беше голем триумф на уметноста, отворање на нов уметнички коридор 8, ноќ од историски значење за двете пријателски земји.
 
Веднаш после претставата, мнозина се упатија во нашиот Киц, каде што имаше изложба на театарски костими и театарски плакати, подготвена од Благоја Мицевски.
 
Истата ноќ беа промовирани и дел од производите на винаријата “Тиквеш”, како дел од стратегијата на нашиот Киц во Тирана за промоција и на наши квалитетни производи.