ИНТЕРВЈУ: АНДРЕЈ ЖЕРНОВСКИ, ГРАДОНАЧАЛНИК НА ОПШТИНА ЦЕНТАР

Сподели

13515244_1360999490582703_853841130_n

ДЕНЕС: Во политичката хроника ќе остане забележано дека на локалните избори во 2013 година и покрај сите притисоци, закани и фалсификати, режимот на Груевски не успеа да ја освои општината Центар. Во и по таа победа, дознавме за најголемите опструкции, валкани игри и најголемите можни криминални изборни фалсификати. Многумина сметаат дека тоа беше првиот негов пораз и најава за неговиот дефинитивен пад?

ЖЕРНОВСКИ: – Се согласувам со тезата, многупати и самиот го кажувам тоа. Падот на Груевски почна на последните локaлни избори во Центар заради неколку причини. Прво, тој беше принуден да го примени целиот „арсенал“ нелегални изборни активности, а со тоа и целосно да го разоткрие неговиот авторитарен карактер на владеење. Од гласачите донесени од Пустец, преку злоупотреба на личните карти, па се’ до незаконското поништување на вториот круг гласање, Груевски ни откри до каде е всушност подготвен да оди само за да ја зачува власта. Тој ни покажа до која мера ги контролира институциите и судството. Второ, веднаш по преземањето на власта, направивме независна ревизија на проектот Скопје 2014 која откри масовни злоупотреби, неколкукратно преплатени споменици и прекршени тендерски процедури. И на крајот, по наредба на Груевски и Јанкуловска, беше извршен напад на бараката на општината, во кој беше повреден еден советник и оштетен инвентарот на општината. Груевски со ова порача дека е спремен и на физичко насилство само за да се одмазди. Ова се потврди и во бомбите на Заев, каде слушнавме дека нарачувал шамари за мене и физички пресметки. Мислам дека изборите во Центар делуваа отрезнувачки за многу граѓани, не само во општината, туку низ цела Македонија.

ДЕНЕС: Зошто оваа општина беше толку важна за власта и од што стравуваше таа? Во прислушкуваните разговори дознавме со каков бес и омраза се однесуваше поранешниот премиер лично кон Вас и кон новата локална власт. Каде го ставивте акцентот на темпото на вашата работа?

ЖЕРНОВСКИ: – Јасно е зошто Центар беше важен за Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. По доаѓањето на новата администрација, ги откривме сите злоупотреби во однос на проектот Скопје 2014 кои ги спомнав предмалку. Освен што беше разоткриен, тој сега не може веќе да го реализира проектот преку општината, кој со претходното раководство одело како подмачкано. Понатаму, со губењето на општината, Груевски го изгуби и златниот рудник наречен градежна мафија. Од прислушкуваните разговори слушнавме дека Груевски имал лични интереси со луксузни плацеви на Водно и астрономски суми во однос на овие зделки. Неговиот пораз во Центар значеше не само губење на локалната власт, туку и секнување на значајни извори на нелегално финансирање и богатење. Што се однесува до мојата работа, се фокусирав на развој и капитални проекти со минимум непродуктивни трошења. Ќе бидам нескромен и ќе ви кажам дека во овие три години, без никаква финансиска поддршка од централната власт и со постојани опструкции, успеавме да реализираме дупло повеќе од она што сите претходни власти на ВМРО-ДПМНЕ го имаа направена заедно. Освен ова, фокусиран сум на интезивно вклучување на граѓаните во процесите и носењето одлуки во општината. Општина Центар денеска е можеби најтранспрентната општина која ги вклучува граѓаните во нејзината работа преку работни групи и состаноци. Посебен акцент ставаме на транспарентноста во однос на носењето на ДУП-овите и градежните работи на кои жителите се чуствителни од разбирливи причини. И трето, инвестиравме многу во зачувување на и зголемување на зеленилото и дрвата на територијата на општината. Само минатата година имаме обновено 10.000м2 зелени површини со преку 5000 нови посадени дрва и растенија. Ова е само мал дел од она на што сме посветени. Секако, тука е и изградбата на новата градинка “Кочо Рацин”, како и реконструкции и надградбите во основните училишта и другите градинки.

ДЕНЕС: Имаше големи очекувања и Ваши навестувања дека по преземањето на градоначалничката функција ќе биде спроведена ревизија на финансиските злоупотреби со фамозниот проект Скопје 2014 , кој што претежно се реализираше преку општината Центар. Се добива впечаток дека од почетните контроли, до денес, како да исчезна силата да се оди до крај во расчистувањето на незаконските малверзации. Каде води лавиринтот и ќе има ли во скоро време обелоденување на финансискиот криминал?

 

ЖЕРНОВСКИ: – Како што ветивме, така и целосно ја реализиравме ревизијата, која   потоа уредно беше доставена до Јавното Обвинителство. Проблемот е што институциите се под целосна контрола на власта и не ги процесираат случаевите. Тука ние како општина за жал, не можеме ништо повеќе да направиме.  Но, добра вест пристигна од Специјалното Јавно Обвинителство, кое од неодамна ги презема дел од случаевите за кои се надевам наскоро ќе има и постапки.  Благодарение на ревизијата која ја направивиме, но и други документи кои истражителите ги добија од општината, се надевам дека СЈО ќе може побрзо да стигне до потребните докази. Така што не сметам дека ништо што направивме било залудно, правдата е можеби бавна, но секогаш доаѓа.

13530794_1360999690582683_902893663_n

ДЕНЕС: Вашата партија ЛДП е дел од обединетиот опозициски блок кој се бори за соборување на актуелниот режим и за враќање на слободата и демократијата во Македонија. Како ги оценувате досегашните активности и настапи на опозицијата и што според Вас недостасува за остварување на конечната цел? Постојат ли одредени недоумици или разногласија околу стратегијата на опозициското дејствување?

ЖЕРНОВСКИ: – За да се оцени успехот на опозицијата, потребно е да погледнеме наназад и да видиме каде бевме пред една година, а каде сме денес. Доволно е да ја погледнеме распадната влада на ВМРО-ДПМНЕ, на чие чело Груевски го нема веќе неколку месеци. Неговите најблиски соработници одамна поднесоа оставки и се под истрага, а од пред некој ден го напушти и неговиот најблизок соработник, Зоран Ставрески. Претседателот Иванов е целосно делигитимиран, градоначалникот на Битола е во притвор. На протестот кој го организираше ГДОМ пред судот имаше едвај 300 луѓе, додека повеќе од 30.000 поддржувачи на Шарената револуција протестираа истиот ден. Ситуацијата е драматично променета, но ништо не е се’ уште готово. Ако ме прашувате дали опозицијата постигна успех, би рекол да, но треба уште многу да се работи, особено на програмската и кадровската понуда. Сите кои мислат поинаку, треба да имаат во предвид дека се работи за длабоко вкоренет режим, кој ги има под контрола сите институции и механизми на владеење, како и огромна финансиска моќ. Секогаш има луѓе кои мислат различно и тоа е нормално во демократијата и треба да се почитува. Сметам дека единствен излез од оваа криза е правна разрешница и одговорност за криминалот за сите кои го направиле. Во спротивно, кризата нема да се реши, туку само ќе се продлабочи. Политичкото решение преку избори ќе биде краткорочно, ако нема и правна разрешница. Токму заради ова, кризата е многу тешка за решавање. Груевски и соработниците треба да се принудат самите да одговараат за дела, за кои однапред им е јасно каква ќе биде пресудата. Тие сега на секој начин ќе се борат да останат на слобода и колку може полесно да излезат од оваа ситуација. А кога некој се бори да избегне затвор, тогаш е јасно дека ќе се бори до крај и нема да бира методи за да ја постигне својата цел.

 

ДЕНЕС: Нели е малку чудно и апсурдно, во ситуација кога институциите на системот повеќе не функционираат, решавањето на кризата да се бара исклучиво во институционални рамки? Продолжуваат преговорите со власта иако сите сме свесни дека токму таа ја создаде и прави се никогаш да не се надмине?

ЖЕРНОВСКИ: – Многу е полесно да се говори за вонинституционално делување, отколку истото да се спроведе. Опозицијата во тој поглед се однесува многу одговорно и тоа е нешто што треба да се почитува. Некои тврдат дека опозицијата наивно влегува во преговори и дека со Груевски не се преговара, но не слушнавме што се нуди. Насилно превземање на власта? Граѓански судири? Секако дека тоа е последната опција. Во тој поглед јас го поддржувам претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Второ, во решавањето на оваа криза клучна улога игра меѓународниот фактор, кој од самиот почеток е присутен и помага за нејзино решавање. Дали и колку постигнаа успех ќе покаже времето, иако лично сметам дека одамна требаше притисокот да се насочи кон Груевски и да се извадат дипломатските ракавици. Она што е важно е дека и тие силно се залагаат за правна разрешница со јасна поддршка за СЈО и спроведување на правдата. Оттаму, опозицијата, граѓанскиот сектор и меѓународниот фактор се на иста страна. Затоа сум сигурен дека на крајот власта ќе мора да одговара за тоа што го сторила. Процесот е болен и долг, но граѓаните не треба да се откажуваат. Груевски е целосно поткопан, не е далеку денот на негова капитулација.

13510453_1360999760582676_521567210_n

ДЕНЕС: Да се вратиме на вашата главна должност: какво е чувството да се раководи со општина, која е трн во окото на централната власт и е постојано на нејзин удар? Може ли во такви околности да се работи успешно и што е тоа што Ве охрабрува да издржите и да се борите за напредокот на Центар?

ЖЕРНОВСКИ: – Предизвикот да се води на Центар е голем, но исто така е голема и привилегијата, особено ако се има во предвид колку тешко победивме. Одговорноста е многу голема и јас од самиот почеток максимално се трудам да не ги разочарам граѓаните кои три круга гласаа за нас. Работењето не е лесно, има секојдневни опструкции и закани, да не заборавиме дека работиме со нула денари финансиска поддршка од централната власт, но, јас не сакам да се жалам. Докажавме дека и во такви услови ние оставруваме многу повеќе од сите претходни раководства на ВМРО-ДПМНЕ. Претходно набројав дел од нашите успеси, но тоа не е се. Започнуваме наскоро и со нов капитален проект, основното училиште во Капиштец. Ќе се реконстриура целосното осветлување на територијата на Центар од септември, а деновиве започнуваме и со стражарски служби во Градски ѕид. Јас и мојот тим сме многу мотивирани заради тоа што граѓаните го препознаваат мојот труд и ни даваат поддршка. Ме радува кога ќе видам дека решаваме проблеми, дека помагаме. Но, најмногу од се’ ме радува соработката која ја имаме со граѓаните. Затоа и целосно сме посветени на редовна комуникација со нив. Јас и мојот тим постојано сме достапни и во општината, но и на социјалните мрежи каде редовно одговараме на нивните прашања. Мојата цел е да изградиме општина која ќе биде вистински сервис на граѓаните. Општина со која тие ќе може да комуницираат во секое време по сите канали. Не сме далеку од реализација на оваа цел.

Соња Ајановска Деловска