“Вербата во системот и во иднината може да се врати само со нови кредибилни личности во политиката и на врвните државни позиции, а за да се дојде до тоа потребно е проширување на форматот на преговорите кои се одвиваат со посредство на меѓународната заедница. Во преговорите за иднината на нашата држава нема повеке место само за 4-те некредибилни македонски лидери кои не доведоа до оваа најголема криза. Потребно е вклучување на она што јас во поширока смисла го нарекувам 5-ти елемент. Овој елемент го сочинувааат слободоумните борци за внатрепартиска демократија (фракциите, здруженијата и политичките партии кои произлегоа од овие некогаш големи четири политички партии), граѓанските организации, експертите и помалите парламентарни политички партии. Овие субјекти треба да дадат свежина и гаранција дека договореното ќе се реализира, а за почеток доволно е формирање на експертска преодна влада составена од кредибилни и личности со капацитет”
ДЕНЕС: Вие и вашето здружение ФРОДЕМ – Фронт за демократска Македонија, незадоволни од моменталното политичко владеење на актуелната власт и низата пропусти на опозицијата, за примарна цел си ја поставивте задачата со мотото “Човекот пред се`”, во која главен акцент ќе бидат новиот систем на идеи и решенија, борбата за демократизација, деполитизација и децентрализација на институциите на државата. Колку сте засега задоволни од реализацијата на вашите иницијативи, имајќи во предвид дека се осојузивте и со Демократскиот сојуз, МОРО-работничка партија и ДЕМОС?
КЕКЕНОВСКИ: -Мислам дека сме едно пријатно и посакувано изненадување на политичката сцена во нашата држава во последниве години (иако за власта сме кошмар), а нашето задоволство е поголемо затоа што бевме и останавме искрени борци за воспоставување на внатерпартиска демократија и на заложбата за редефинирање на деформираниот политичкиот систем од страна на квази патриотите кои се на власт. Среќни сме што меѓу првите укажавме, но и јавно се спротивставивме на аздисаните криминални партиски структури во нивната намера со недемократски средства, перфидна закана, уцени и втерување на страв во ,,коски” да ги натераат нашите граѓани на беспоговорна и слепа послушност. Среќни сме што се спротивставивме на обидите да се урнисаат и обезличат институциите на системот и општествените вредности во Република Македонија. ФРОДЕМ беше и остана принципиелен, патриотски и морален одговор на нашата сé поголема загриженост за правецот во којшто се движи Република Македонија. Со помош на нашите коалициони партнери, како и со приклучувањето во блиска иднина на други политички субјекти, здруженија и индивидуалци, сметам дека ќе успееме да го трансформираме и да го развиеме македонското општество во модерно општество на граѓани, кои ќе живеат во мир, слобода, правда и благосостојба. Конечно сите да живееме во демократски консолидирана и просперитетна Република Македонија, како современо демократско, инклузивно, иновативно и рефлексивно општество.
ДЕНЕС: Вашата цврста определба е дека во Македонија треба да се спроведат длабоки реформи без кои не би се реализирале услови за фер, демократски и кредибилни избори. Тука потцртувате дека без вклучување на експертите, медиумите и граѓанскиот сектор не може да се дојде до вистинско решение на кризата. Дали мислите дека народот ја гледа голата вистина за овој режим и вашето мислење за Шарената револуција?
КЕКЕНОВСКИ: – Да, повеќе сум од сигурен дека народот се повеќе не само што гледа, туку и слуша и станува свесен за тежината на направените злоделата од страна на властодршците. Се повеќе и похрабро ги поддржува искрените иницијативи за справување со овој режим. Шарената револуција е само еден дел од фактите за оваа мое убедување, иако и оние кои не излегуваат на протестите сигурен сум дека секој ден и во се поголем број посакуваат конечно справување и казнување на оваа авторитарно-тоталитарна врхушка на власт.
ДЕНЕС: Упативте низа критики кон Договорот во Пржино, Државната изборна комисија, работата на Собранието и корумпираноста во судот и ги прогласивте за мртви. Тука би ја цитирала вашата од народот сеприфатена изјава: “Дајте, престанете да не` лажете и понатаму!” Според Вас, како понатаму?
КЕКЕНОВСКИ: – Јас секогаш сум бил отворен и директен во своите ставови и кажувања. Секогаш вистината сум ја кажувал директно (што би рекле ,,во очи”) без разлика дали тоа некому му се допаѓало или не. Повеќе е од јасно дека политичките елити и во минатото, а посебно сега, постојано не` лажат и никогаш не ја кажуваат вистината. Ова е поради фактот дека ним секогаш им биле приоритетни личните лукративни и партиски интереси наместо интересите на граѓаните. Што се однесува до Договорот од Пржино тој одамна е мртов од причина што неговите основни цели и заложби и по една година од неговото потпишување воопшто не се реализирани. И понатаму не се создадени услови за фер и кредибилни избори, и понатаму имаме политизирана ДИК, контролирани медиуми и средства за информирање, партизиран радиодифузен сервис, секојдневни кочници на работата на СЈО како и дополнително партизирано судство. И како може Договорот да не биде мртов? Меѓутоа тоа никој не сака јавно да го каже и признае од причина што тоа треба да значи дефинитивен крај на кариерите на сите оние кои учествуваа во неговото потпишување, но и на гарантите на истиот.
ДЕНЕС: Моменталната ситуација во државата може да се нарече драматична, матна, вплеткана во криминали и самоволие. Според анкетите може да се види дека народот се` погласно бара правда и правна држава, во која граѓаните ќе имаат целосна доверба. Опструкцијата на која наидува СЈО, е прв показател за вмешаноста на високи политичари во криминал, кој удира по достоинството, џебот и вистината. Како да се врати вербата во државата и функционирањето на институциите во нормална насока?
КЕКЕНОВСКИ: – Вербата во системот и во иднината може да се врати само со нови кредибилни личности во политиката и на врвните државни позиции, а за да се дојде до тоа потребно е проширување на форматот на преговорите кои се одвиваат со посредство на меѓународната заедница. Во преговорите за иднината на нашата држава нема повеке место само за 4-те некредибилни македонски лидери кои не доведоа до оваа најголема криза. Потребно е вклучување на она што јас во поширока смисла го нарекувам 5-ти елемент. Овој елемент го сочинувааат слободоумните борци за внатрепартиска демократија (фракциите, здруженијата и политичките партии кои произлегоа од овие некогаш големи четири политички партии), граѓанските организации, експертите и помалите парламентарни политички партии. Овие субјекти треба да дадат свежина и гаранција дека договореното ќе се реализира, а за почеток доволно е формирање на експертска преодна влада составена од кредибилни и личности со капацитет.
ДЕНЕС: Во една прилика изјавивте дека аболираните владеат со државата и го блокираат системот, се` со цел да не поднесат одговорност. Денес, под жесток притисок на домашната и меѓународната јавност и голем број правни експерти, претседателот се откажа од аболицијата на 22 политичари, кои не ја прифатија неговата одлука, со можност и сите други да побараат нејзино повлекување. Како ја коментирате ваквата правна еквилибристика на шефот на државата и до каде со силното јавно незадоволство?
КЕКЕНОВСКИ: – И јас и ФРОДЕМ и Коалицијата за промени и правда бевме мошне децидни и јасни по однос на оваа еквилибристика на сиротиот Иванов. Делумното повлекување на т.н аболиција од страна на Иванов уште еднаш го покажа грдото лице на залутаните и некредибилни личности во политиката. Со самиот чин на бесрамно аболицирање на осомничени за криминални дејствија како и со уште побесрамниот чин на делумно повлекување Иванов пред целата светска јавност го покажа неговиот однос кон реализација на институтот владеењето на правото и спроведувањето на правдата. Како ,,татко на нацијата” поради својот сервилен и поданички однос по којзнае кој пат ги погази темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија како и членот 9 од Уставот на РМ кој ја гарантира еднаквоста на гражаните пред Уставот и законте. Со ова и докажа на македонската и целокупната меѓународна јавност дека граѓаните се еднакви и помалку еднакви пред Уставот и законите како и тоа дека на ваквите личности нивното име и презиме ке биде обележано со големи и црни букви во поновата македонска историја. После овој негов потег дефинитвно треба да следи негова оставка од функцијата претседател на Република Македонија, а не да размислува за негово повторно ,,помагање” во разрешувањето на кризата, како би можела нашата држава барем малку да го сочува својот образ пред домашната и меѓународната јавност. Би било мошне корисно за иднината на државата и за вистината, кога СЈО во блиска иднина ќе се обиде да ја истражи неговата улога на последните претседателски и парламентарни избори и доколку има сериозни докази да поведе соодветна постапка за негово учество во фалсификување на неговиот избор и учество во злосторничко здружување.
ДЕНЕС: Велите, во ова време-невреме молчењето и гледањето на сопствениот интерес е најголем грев. Додавате, дека сите оние ко очекуваат дека некој друг ќе ни ги реши проблемите, живеат во заблуда. Како да се излезе од сопствената заблуда, и колкава цена ќе треба да се плати во интерес на иднината на нашата држава и иднината на нашите генерации?
КЕКЕНОВСКИ: – За да се излезе од сопствената заблуда и од перманентното перење мозок во последниве десетина години потребно е да се собере храброст и да и се погледне на вистината во очи. Доволно е само да го ставите прстот на чело и да ја рефреширате вашата меморија. Потсетете се кои биле и што овие квази патриоти кажувале и ветувале во минатото, а што прават и кои се денес. Колку пари и имот имале кога дошле на функцијата, а што се имаат денес. Колку пати досега рекле па одрекле!? Доволно е само да се потсетите на грозоморната содржина на прислушуваните разговори. Ако го сторите ова за пет минути се ќе ви стане јасно и веднаш ке расчистите со заблудата. И на крајот кога се работи за иднината на државата, за иднината на нашите деца, за да правдата и вистината да излезат на површина тогаш цената која треба да се плати воопшто не е битна.
Прашањата ги подготви Соња Ајановска Деловска