Вести Интервју Македонија Текстови Ударни вести

ИНТЕРВЈУ со Анета Пешевска: РАБОТНИОТ ДЕН ВО КОВИД ЦЕНТАРОТ НИКОГАШ НЕ ЗАВРШУВА

Сподели:

 

Серијата на интервјуа во кои Унијата на ЗМСТАС предводени од здружението „За нас“ разговара со нашите колеги и колешки кои се директно вклучени во борбата против пандемијата и работат во ковид центрите продолжува и понатаму. Целта ни е да ја доближиме реалната состојба и предизвиците со кои се соочуваат медицинските лица.

Денешен наш соговорник е сестра Анета Пешевска, која е дипломиран медицински техничар и веќе 6 години работи во ЈЗУ ГОБ „8ми Септември“ – Скопје, која годинава воедно е и најголемиот ковид центар во нашата земја.

Анета вели дека денот на работното место и започнува со мисла дека од моментот кога влегува на работното место таа е воин и нејзината борба започнува и трае се до моментот на завршување на смената, но само физички, бидејќи во мислите работниот ден никогаш не завршува туку продолжува дури и во денот предвиден за одмор.

 

 
„Денот во ковид центарот ни започнува со сестрински рапорт, односно превземање  на смена, по која следи облекување на заштитна облека, подготовка на терапија, визита, земање на лабораториски анализи, поделба на инсулинска терпија, делење на таблетарна и ампуларна терапија, следење на гликемиски вредости, следење на состојбата на пациентите, разговарање  со нив, спроведување на  промени во терапија, следење на витални параметри ТА, телесна температура, а особено се внимава на сатурацијата, и тоа повеќе пати во текот на дежурството заради непредвидливите промени кај пациентите и останати обврски кои произлегуваат во зависност од состојбата на пациентите.“
 

РАБОТНИ АКТИВНОСТИ СО МНОГУ ПРЕДИЗВИЦИ

Таа вели дека секојдневно се соочува со многу предизвици, особено кога работното време е исполнето со активности кои значат живот.
 
“Најпрво е важно да се остане чист, а со тоа и здрав, да си влееш чувство на сигурност и мир првенствено кај себе, но и кај пациентите, да допреш до нивниот ум и душа, да успееш да го оствариш невозможното, да не се откажеш дури и тогаш кога си сигурен дека не можеш.“
 

Како и кај многумина Анета вели дека стравот е постојано присутен.

Се обидува да го игнорира додека е на работно место и да го совлада сама, без да го почувствуваат тоа и нејзините најблиски.

Таа е сопруга и мајка и се обидува во секој момент поминат со нив да функционира како и да не постои пандемијата.

 
 
“Тој се појавува и на крајот од дежурството кога ја симнувам униформата и додека се подготвувам за дома, кога се враќам дома, додека дезинфицирам се, додека сум дома и продолжува се до наредниот работен ден кога повторно го игнорирам. Стравот е постојано присутен, но во домот нема негови сенки затоа што го давам максимумот од себе да се однесувам нормално и никој од семејството да не го почувствува. Голем дел од времето го посветувам на моето хоби. Тогаш се борам со него, но само јас, тивко и незабележително.“
 

11 МЕСЕЦИ ВО КОВИД ЦЕНТАРОТ БЕЗ РЕДОВНИ ТЕСТИРАЊА ЗА КОВИД

 

Иако Ана е пожртвувана медицинска сестра која секојдневно се соочува со огромен ризик за својот живот, но и животот на своите најблиски, до овој момент не била тестирана ниту еднаш.
 
„Се разбира дека е важно персоналот да остане здрав и да се води грижа за сите нас кои сме во првите борбени редови, но во изминативе 11 месеци, колку што работам во ковид центарот не сум била тестирана ниту еднаш, освен еден серолошки тест за антитела на кој резултатот беше – нема антитела.“
 

ОГРОМЕН ПЕРИОД РАБОТА СО НЕДОСТАТОК НА ПЕРСОНАЛ

 

Од формирањето на здружението па се до денес никогаш како до сега не се слушнал гласот на медицинските сестри.

Ана вели до сега биле спомнувани само како профил кој недостига и како “останатиот медицински персонал“ кој е исцрпен.
 

 

Доколку не беше гласот на здружението немаше ниту да се спомне медицинската сестра, а со тоа и да се овозможат подобрувања во многу сфери.
 
 

Сигурна е дека Унијата ќе го врати достоинството и авторитетот на медицинските сестри на ниво кое го заслужуваат, и дека ќе реагира на неправилностите и рушењето на авторитети од поединци. 

„Во ковид центарот имаше период кога ни недостигаше персонал, медицински сестри и болничари (што не е случај сега). Во тој период обврските беа единствено на дежурниот тим (две сестри, а 21 пациенти),  кој после заминување на првата смена остануваше со сите редовни и дополнителни обврски , а состојбата на пациентите не секогаш оставаше простор за терпијата и дополнителните обврски РТГ, ЕКГ, лабораторија, прием, трансфер од оддел на оддел, трансвер на инфективна клиника, консултација со дежурни доктори, визита.“
 
 
 
 
 
 
Анета порачува човештвото да остане силно. Вели стравот е постојано присутен и сосема е нормално да постои се додека не заврши пандемијата, но тој не треба да не спречува да ја завршиме нашата мисија.
 
„Сите ние сме многу силни, а најсилни сме кога сме заедно. Ние сме борци, и во оваа војна ќе излеземе како победници како ние, медицинските лица, така и пациентите.“
 

Автор:
Даниел Стојмановски

Фотографии:
Приватна архива
Арбнора Мемети

Сподели: