ИНТЕРВЈУ СО ИВАНА НАСКОВА: ЧИКАГО Е ЉУБОВ И ИНСПИРАЦИЈА

Сподели

 

Македонската писателка, стенд-ап комичарка и водителка, Ивана Наскова веќе некое време е во Америка и оттаму ни го најави нејзиниото ново дело.

По успешните книги “Секогаш те одбирав тебе”, трилерот “Сетра”, “Вети ќе ме сакаш” и “Совршениот странец”, Ивана ги изненади своите читатели со најавата на нова книга.

 

 

За ДЕНЕС магазин, Ивана откри малку повеќе за новата книга и нејзините планови.

ДЕНЕС: За почеток, кои се твоите импресии од Чикаго?

ИВАНА: Чикаго е љубов и инспирација за мене. Отсекогаш бил, уште првиот пат кога дојдов овде јас се заљубив во градот и неговата магија. Уживам во секој миг поминат овде, затоа што тука се дел од луѓето кои ги сакам и кои навистина ми недостигаа за време на пандемијата кога не можев да дојдам и да ги видам. Пресреќна сум што сум повторно овде затоа што навистина се чувстувам како дома!

 

 

ДЕНЕС: На социјалните мрежи ни најави дека повторно пишуваш, за што станува збор овојпат?

ИВАНА: Некое време се борев со писателска блокада за која мислев дека никогаш нема да ја имам, но ете се случи и мене да не ми доаѓаат зборовите на хартија и да седам со часови пред компјутерот не успевајќи да напишам ниту збор. Овојпат плажата, сонцето и целата енергија овде си го направија своето и се вратив на едно дело кое го работам веќе неколку години, а кое никако да го добие својот завршеток. Станува збор за книга која веројатно ќе биде наменета најмногу за женската читателска публика, која ја бара љубовта во својот живот. Станува збор за книга која јас сакам да ја нарекувам модерен водич за врски, за модерните девојки и жени. Можеби не сум некој експерт, но сметам дека вакво нешто може доста да ни помогне да се сетиме дека заслужуваме многу повеќе во кога станува збор за изборот на партнер. Додека ја пишувам се потпирам на „експертската“ помош на сите мои другарки и другари и се разбира на моето лично искуство.

 

 

ДЕНЕС: Какви се плановите за твојата кариера како стенд-ап комичар?

ИВАНА: Зад себе имам прекрасна продукција – Златен Заб со која веќе работиме еден вид на комеди шоу „Прашај ги Ивана и Борко, каде јас и Борко Наумовски се вклучуваме секој вторник и во живо одговараме на прашањата на гледачите и разговараме на разни теми. Што се однесува до стенд-ап настапите, тие страшно многу ми недостигаат и навистина сакам што побрзо да се среди ситуацијата за да може повторно да и се вратам на публиката и да ги слушам како се смеат. Тоа е најубавиот дел од мојата работа, да успеам да ги насмеам луѓето и да ги натерам бар за момент да заборават на своите маки и проблеми.

 

 

ДЕНЕС: Кога се враќаш назад и кои се твоите идни планови?

ИВАНА: Ќе бидам овде уште некое време, затоа што си реков на себе, дека заслужив долг одмор и Чикаго ми недостигаше премногу, за толку брзо да се одделам од него. Но, некаде во септември се слушаме повторно на Радио 2, во добро познатиот термин од 13 до 15 часот и нормално се гледаме, се надевам што побрзо, на промоцијата на мојата нова книга и стенд-ап настапи. Во меѓувреме неизмерно сум им благодарна на моите читатели за целата поддршка и љубов, на мојата другарка Марија што секој ден ми прави да ми е се „потешко“ да се спакувам за враќање назад во Македонија и се разбира на мојата продукција Златен Заб кои неуморно работат да ја држат стенд-ап комеди сцената во Македонија жива. Се надевам за брзо покрај моите колеги од Балканот кои веќе имаа свои настапи и јас ќе можам да се дружам со публиката.

 

 

Ние во меѓувреме ќе уживаме во преубавите фотографии кои мултиталентираната Ивана ги споделува со јавноста, на своите профили на Фејсбук и Инстаграм и ќе се согласиме со тоа дека Чикаго и Америка баш добро се сложуваат со Ивана и таа блеска и изгледа прекрасно!

denesmagazin.mk