ИНТЕРВЈУ СО СТЕФАН ШАШКОВ: “ВНАТРЕШНА ГРАДИНА”

Сподели

 

 

Терминот “внатрешна градина” е често користен од трагачите по сопството, суфистите, алхемичарите и веќе застарениот Њу Ејџ, во контекст на прочистување на внатрешното битие од сите стратиграфски слоеви на илузиите, но и на знаењето и технологијата, за да се дојде до еден сопствен пристап кон естетичното, во овој случај, во фотографскиот процес.
Препознавањето на одредени случајни визуелни констелации низ расцветаните полиња на субјективната реалност, низ кои еден романтичар и вљубеник во Гаја талка вдолж и вшир природата, перцепирана како едно мултимедијално естетско дело на Створителот, која со сета своја суровост но и милост, е бескраен инспиратив за трагачот низ бесконечното.
Кога во таа трансцендентално миризлива внатрешна градина на постоењето ќе го посееме семето на сопството, со тек на незапирливото време, ќе го видиме тоа што го носиме во себе – Стефан Шашков.

 

 

ДЕНЕС: Зошто токму ВНАТРЕШНА градина и како „процвета“ во Вашиот фото-апарат?

ШАШКОВ: Претпоставувам дека првин тоа “цутење” се случило некаде во мене, а фото апаратот беше само средство тој процес визуелно да се артикулира. Парадоксот на името “Внатрешна градина” и зошто баш тој наслов, секако е поттикнат од “Надворешната градина” која моето битие ја препозна. Аке немате нешто во себе, не ќе можете да го препознаете ни вон себе. Така да таа синергија на внатре-надвор резултираше со овој циклус фотографии.

Една мала анегдота за еден познат фотограф, на чие име не се сеќавам во моментот, ми дојде како асоцијација. Имено на некоја негова изложба се појавила една дама која му рекла: Фотографиите ви се прекрасни, сигурно имате добар и скап фотоапарат. Тој се заблагодарил. По изложбата бил поканет од истата дама на вечера во нејзиниот дом. Откако завршила вечерата тој и рекол: Храната беше многу вкусна. Сигурно имате добар и скап шпорет.

 

 

 

ДЕНЕС: Овој циклус фотографии сведочи за натежнувањето на креативниот фокусот на уметникот кон сликарството, па оддава впечаток како да сте сликале со фотографска четкичка. Како е возможно, како е изводливо тоа?

ШАШКОВ: Па фотографирањето и фотографијата е визуелен процес, и како техно и како естетика. Експериментирањето со квантумот на светло пуштен низ објективот, во кој дел од денот се фотографира и каква е светлината што го осветлува објектот во фокусот, се многу важни во овој процес. Секако тука се и софтверските алатки за пост продукција кои минимално се користени во оваа пригода, од една едноставна причина што примарните кадри беа навистина задоволителни за мене како автор.

 

 

 

ДЕНЕС: Фотографиите се импресионистички одраз на градини кои си ги создава природата. Многу ли е ако се каже дека се фотографски пандан на сликите на славниот француски импресионист Клод Моне? И дали, можеби, токму нешто од тоа Ви беше инспирација?

ШАШКОВ: Па секако. Тоа го почуствував при самото фотографирање, таа асоцијација. Овие фотографии се настанати во периодот на крајот на месец мај и почетокот на јуни, во период од 6-7 денови. Претпоставувам дека интензитетот на светлина и аголот под кој таа паѓа, во тој период, создава едно несекојдневно светлосно поле, кое после првата недела на јуни исчезнува. Несекојдневно беше едно мое патување од Прилеп за Демир Хисар, кога после селото Бучин ливадите насадени со жито меѓу кое имаше и црвени булки, светеа со сребрена светлина. Тоа беше некаде при крајот на денот. Тогаш настанаа и фотографиите на сребрено жито и црвени булки.

Знаете, лутајќи така низ тие питоми полиња на Демирхисарскиот крајолик, во еден момент се почуствував како некој сликар од 19 век, кој наместо штафелај и бои, со себе носи фотоапарат и еден куп објективи постари од 50 години.

 

 

 

ДЕНЕС: Во време кога трендовите во уметничката фотографија во својот центар го ставаат урбаното во сета своја широка дефиниција, Вие третирате мотиви од природата и од рурални средини. Свесен избор или, едноставно, тоа Ви поголем предизвик?

ШАШКОВ: Дедо ми, Бог да му душа прости, во неколку прилики ми има кажано: Работи друго од останатите што работат. Подоцна во мојот живот, кај мистикот Гурџиев, го прочитав истото и се придржувам на тоа “правило”. Секако и денот на отварањето на изложбата се погоди на денот на дедовиот 116-ти роденден. Чудна коинциденција.

Како визуелен уметник, во потрага по “убавото” односно како човек со изострени сетила, а понекогаш и интуитивно, секој објект или субјект, кој во себе носи одредена суштина е предизвик да се третира со сета своја комплексност. Едноставно како да ве повикува да искомуницирате и да размените одредени вибрации.

Урбана архитектура, урбани луѓе, портрети па и актови, се исто така интересни за визуелна обработка. Но во конкретниов случај, по игра на случајности, мотивите сами се наметнаа. Но сепак во тие рурални универзуми како да има нешто што сеуште не е испогането од нус продуктите на цивилизацијата. Обработена земја, средени ливади, луѓе по полињата, чист воздух и пријатна светлина од незагадената атмосфера, некој надворешен мир, се доволен инспиратив за мене.

Еко патролите во градска средина се полни со нервоза, напнатост, гужва и бука за разлика од руралните еко патроли каде спокојно возите со некоја амбиентална музика од Роџер Ино, кој патем утре има концерт во МКЦ, Харолд Бад и други, која секако придонесува во изострувањето на перцепцијата и абсорбцијата на дадени визуелни информации од Големата надворешна градина.

 

 

 

ДЕНЕС: „Внатрешната градина“ е различна од Вашиот досегашен опус како арт-фотограф. Распознатлив сте биле по поопскурен израз, блурирани елементи, повеќе сенки. Сега, силно светнал ден. На што се должи оваа промена?

ШАШКОВ: За разлика од претходниот циклус “Напуштени храмови”, каде фокусот беше ставен на играта помеѓу темното и помалку темното, поради  самиот внатрешен амбиент на руралните цркви, во градината на Створителот, и во сета негова неимарска дејност, Светлината е главниот конструктивен елемент на појавноста. Всушност тоа е и значењето на зборот фотографија, преведено на македонски, светлопис.

Ако може да се нарече промена, тогаш се должи на една неодредена специфика кон предметот на интерес, во даден момент, во течението на искуствата, свеста на авторот како и во непредвидливата игра на Универзумот и релациите меѓу планетите и звездите.

Интервју со Стефан Шашков, ДЕНЕС магазин