Инженер на „Volkswagen“ осуден поради измама

Сподели

Окружниот суд на САД во петокот го осуди инженерот на „Volkswagen“ (Фолксваген) на повеќе од три години затвор поради неговото учество во скандалот со измама на тестовите на емисија на гасови, јавува Anadolu Agency (AA).

Џејмс Роберт Лиенг (63) е осуден на 40 месеци затвор и парична казна од 200.000 долари (околу 168.000 евра) бидејќи му помогнал на „Volkswagen“ во измама во врска со владините тестови на емисија на гасови за одредени возила со дизел мотори.

Шон Кокс, судија во Окружниот суд на САД му изрече поостра казна од 36 месеци и 20.000 долари, колку што бараа обвинителите. Лиенг од друга страна бараше условно ослободување и 1.500 часа општествено-корисна работа.

На Лиенг по отслужената казна ќе му биде дозволено да се врати во својата матична земја, Германија. Исто така има право да поднесе жалба на донесената пресуда.

Изрекувањето на пресудата дојде речиси две години по извештајот дека „Volkswagen“ користел софтвер кој на тестовите ја лажирал емисијата на штетни гасови, кои се спроведуваат под надзор на владата. Се проценува дека софтверот бил вграден во околу 500.000 возила на „VW“ и „Audi“, кои се испорачани во периодот од 2009 до 2015 година. Станува збор за најголемата измама која Федералната комисија за трговија ја забележала во својата 102-годишна историја.

Лиенг беше еден од двата инженери на „Volkswagen“ кои минатата година изјавија дека се виновни за заговорот со цел да ја измамат американската влада. Се очекува пресудата за второобвинетиот Оливер Шмидт да биде изречена во декември оваа година.