ИРИ: За членство во ЕУ се 68% од граѓаните на Македонија

Сподели

Последното мултинационално истражување за Западен Балкан од страна на Центарот за анкетни истражувања (CISR) на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) покажува широка поддршка за приклучувањето кон Европската унија (ЕУ) и силно мнозинство кое ја смета руската војна против Украина за неоправдана.

На прашањето дали би го поддржале приклучувањето кон ЕУ доколку денес се одржи референдум, во пет од шесте земји силно мнозинство би гласало за приклучување кон Унијата и тоа од 68 отсто во Северна Македонија и во Босна и Херцеговина до 92 отсто во Албанија. Во Србија, повеќето од 40 отсто го поддржуваат приклучувањето кон ЕУ.

Граѓаните биле прашани и во кои институции имаат најголема, а во кои најмала доверба. Според истражувањето на ИРИ, македонските жители (25%) најмногу им веруваат на верските институции и армијата (16%). Најмала доверба имаат во политичките партии, парламентот и судовите.

Како најголем сојузник, 34% од Македонците ја гледаат Србија како најблизок пријател, додека по неа се САД со 17 и Турција со 12% поддршка. Како најголема закана, македонските граѓани (23%) ја гледаат Бугарија, додека Русија е на второ место и неа како закана ја гледаат 12% од испитаниците.

Анкетата е спроведена во Албанија, Босна и Херцеговина (БиХ), Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија во периодот меѓу 2 февруари и 5 март 2024 година, соопшти ИРИ Македонија.