Украина истражува повеќе од 21.000 воени злосторства и агресорски злосторства, коишто ги става на товар на Русија. Главната обвинителка Ирина Венедиктова за Би-Би-Си вели дека дневно добива извештаи за 200 до 300 воени злосторства. Венедиктова признава дека многу од судењата би се одвивале во отсуство на обвинетите, но вели дека станува збор за „прашање на правдата“.
Инаку, како што пишува украинската државна новинска агенција ukrinform.net, во неодамна освоените градови-близнаци Сиеверодонецк и Лисичанск на истокот на Украина, рускиот окупатор преку измама регрутира локални жители во редовите на руската армија.
„Русите веќе го означија освојувањето на нашиот регион и го изедначија со победата во Втората светска војна, но не стигнаа до границите на нашиот регион. Имаат ротациски распореди, вклучуваат локални жители. Како се случува тоа? Еден маж ќе биде повикан да работи, на пример, во водоводното претпријатие. По неколку дена, наместо првите пари, добива повик за војска. Го повикува неговата ‘нова татковина’“, се вели во соопштението од Регионалната воена управа на Луханск.
Во однос на актуелната воена ситуација, според извештаите на ukrinform.net, ноќеска и утрово рускиот агресор испалил крстосувачки ракети на два амбари кај Измаил, во регионот Одеса, и на Змискиот Остров, којшто Украинците минатата седмица го вратија под своја контрола. Во амбарите имало околу 35 тони житарки, а за среќа нема загинати луѓе.
Во останатиот дел на Украина, борбите продолжуваат, но најлоша е ситуацијата во регионот Донецк, каде што вчера руските трупи убиле седуммина цивили, а раниле двајца./Мета.мк