Втор пат во три години Вардар ќе игра во финалето на Ф4 во Келн во Лигата на шампионите, откако со 27:29 (16:9) ја победи големата Барселона, големиот фаворит, во второто полуфинале во јубилејното издание на елитната завршница.
Десет минути им беа доволни на „црвено-црните“ за нов делириум, за ново чудо во „Ланксес“ арената и за повторување на историјата. Сето тоа заедно со добро познатата констатација дека фаворитите не минуваат добро во Келн.
Даинис Кристопанс со 10 гола и Дејан Милосављев со 15 одбрани беа движечката сила на Вардар.
По лошото прво полувреме, по оние седум негатива на полувремето (16:9), малку кој веруваше во чудо, малку кој веруваше дека Вардар ќе се врати и ќе се најде во финалето против Веспрем.
Сакаа, но не можеа, во првото полувреме со каталонскиот гигант, кој беше незапирлив со своето најсилно оружје контра-нападот, додека кај вардарци, пак, затаи офанзивата… Промногу „прокоцкани“ шанса, премногу технички грешки и проблеми со реализацијата.
Почнаа добро, имаа 4:4, но летонската судиска двојка Сандорс – Лицис навреме го „исекоа“ македонскиот првак, а потоа беше тешко да се врати. Барем во првиот дел, а до полувремето имаше негатива од седум гола, 16:9.
Но, во продолжението проработе вардаровиот инат, „срцето на шампионот“ па намалија на 19:14, а кога фатија ритам со каков што требаше да го отворат мечот предводени од Кристопанс, комплетно ја стопија разликата, (25:22, 26:24) односно 26:26 со погодокот на Мораес на пет минути до крајот за комплетен делириум на македонските фанови во „Ланксес“.
Црвениот картон на Дос Сантос по стартот над Кристопанс, што значеше и две минути играч повеќе за вардарци му донесоа шанса на Карачиќ да погоди за прво водство на мечот, 26:27 на две ипол минути до крај, а потоа и Кристопанс украде топка за нов напад на Вардар.
Го загубија вардарци Карачиќ, кој го изнесоа на раце од теренот, но тоа не беше важно. Ништо веќе не можеше да го запре Вардар…
Историјата се повторува, чудата се случуваат!!! Вардар е во финале!
Превземено од :sportmedia.mk