Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против 33-годишник од Арачиново, бидејќи постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Убиство според член 123 став 3 во врска со член 19 (во обид). Освен тоа, за осомничениот е поведена постапка и за – Предизвикување општа опасност по член 288 став 1 од Кривичниот законик.
На 11 септември, осомничениот се обидел со умисла да лиши од живот две лица, кои вербално протестирале затоа што со голема брзина управувал автомобил „Ленд ровер“ по плочникот кај трговскиот центар „Бисер“ во Аеродром, предизвикувајќи значителна опасност за животот и телото на луѓето.
Во моментот кога оштетените му забележале за опасноста што ја предизвикува, тој завртел со возилото и со голема брзина се упатил кон нив со намера да ги прегази. Тие се тргнале, па осомничениот излегол од автомобилот со нож во раката и на двајцата им нанел по четири убодни рани, предизвикувајќи им повеќе тешки телесни повреди.
Во тој момент се собрала поголема група граѓани кои почнале да викаат и му се спротивставиле на осомничениот со што го спречиле да го доврши кривичното дело, па тој се вратил во неговото возило и веднаш го напуштил местото.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје попладнево достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, можност да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и особени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го доврши обиденото кривичното дело.