Блупринт групата за реформи во правосудство бара итно да се прекине со постапката за избор на нови членови во ССРСМ. Во спротивно, како крајно средство за спречување на понатамошното незаконско и нелегитимно постапување на Судскиот совет на РСМ, ги повикуваме судиите кои треба да гласаат на изборите за членови на Судскиот совет, од судовите во Аплеациското подрачје Скопје и Врховниот суд на Република Северна Македонија да го бојкотираат процесот за избор на членови поради нелегитимноста на Судскиот совет на РСМ.
Блупринт групата за реформи во правосудството будно ги следи случувањата во Судски совет на РСМ. И покрај реакциите од домашните и меѓународните организации и експерти за несоодветното постапување на Судскиот совет во изминатиов период, сепак нивното работење укажува дека се продлабочува јазот и недовербата која постои помеѓу нив и македонската јавност.
Последен пример е постапката за избор на нови членови во ССРСМ од редот на судиите каде како кандидати се утврдени судии за кои се водеше и се води постапка за утврдување на нестручно и несовесно работење. Постапката за утврдување на нестручно и несовесно работење е итна и роковите за нејзино спроведување се утврдени во Законот за ССРСМ. На вака јасно уредена законска постапка останува нејасно кои се причините поради кои Судскиот совет подолго време нема донесено каква било одлука за поднесено барање против судија или претседател на суд во врска со вршење на нивната функција, со што основано се фрла дополнителен сомнеж на интегритетот на постоечкиот состав на ова тело. Постапката за утврдување одговорност заврши еден ден пред ССРСМ да ја утврди кандидатската листа за членови на ССРСМ. Би сакале да потенцираме дека одлуката за запирање на постапката за одговорност сѐ уште не е објавена, ниту е правосилна за да може јавноста да се запознае со причините за запирање на истата. Ваквото однесување на ССРСМ фрла сомнеж vis-à-vis кандидатот за член на ССРСМ. Од друга страна може да се забележи и неконзистентно постапување на членовите на ССРСМ кога е во прашање нивниот „формализам“ околу прифаќање на условите за исполнување на таксативно наброените документи потребни за кандидатура за член на ССРСМ.
Уште еднаш потсетуваме за обврзувачката моќ на Уставот и законот врз секој, особено врз Судскиот совет кој треба да ја гарантира законитоста во постапувањето и владеење на правото. Воедно, потсетуваме и на постоечкиот ризик за понатамошно поткопување на довербата во судството. Тоа би се надминало доколку се инсистира на целосно нов состав и нови кандидати за членови на Судски совет. Кандидати, кои поседуваат интегритет и високи морални, етички квалитети, истакнати правници со докажано искуство и препознатливост во правничката професија, со исклучителен акцент на тоа дека за истите не смее и не треба да има сомнежи за нестручност во работењето како што е случај со последните случувања во ова тело за дел од кандидатите.
Затоа предлагаме да се прекине со постапката за избор на нови членови во ССРСМ и да се почека Оценската мисија за оценување на работата на Судскиот совет во изминатиот период, да даде свое видување за постоечката состојба во работењето на ССРСМ, а потоа да се продолжи постапката за комплетирање на Судскиот совет на РСМ. Посебно сакаме да ја нагласиме изјавата на г. Дејвид Гир амбасадор на ЕУ во РСМ, но и реакциите на останатите амбасадори во нашата земја кои будно ја следат работата на Судскиот совет и неговото постапување во последниов период. Тие ја нагласуваат потребата да се преиспита работењето на ова тело во насока на обезбедување на независно, непристрасно работење на судството и подигање на интегритетот на судиите.
Во спротивно, како крајно средство за спречување на понатамошното незаконско и нелегитимно постапување на Судскиот совет на РСМ, ги повикуваме судиите кои треба да гласаат на изборите за членови на Судскиот совет, од судовите во апелационото подрачје Скопје и Врховниот суд на Република Северна Македонија да го бојкотираат процесот за избор на членови поради нелегитимноста на Судскиот совет на РСМ.
- Македонско здружение на млади правници (МЗМП)
- Институт за европска политика (ЕПИ)
- Институт за човекови права (ИЧП)
- Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС)
- Хелсиншки комитет за човекови права
- Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА)