Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денес нема да оствари средба со еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, информираат од неговиот кабинет.
Од претседателскиот кабинет велат дека претседателот Иванов, кој вчера престојуваше во работна посета на Унгарија, во Македонија ќе се врати доцна вечер, при што нема можност за средба со еврокомесарот Хан.
„Претседателот Иванов своите ставови веќе му ги соопшти на еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, на нивната последната средба на 10 февруари 2017 година, и тие остануваат непроменети. Претседателот Иванов јасно и недвосмислено порача дека нема да определи мандат без претходна јавна осуда и отфрлање на платформата од Тирана“, се вели во соопштението од кабинетот на Иванов.
Со оглед на тоа што претседателот нема да оствари средба со еврокомесарот Хан, од кабинетот велат дека претседателот Иванов предвидениот термин им го отстапува на претставниците од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, кои бараа средба со Хан.