Иванов во ќе се обрати на 73. сесија на Генералното собрание на ОН

Сподели

Претседателот Ѓорге Иванов, од денеска ќе престојува во работна посета на Соединетите Американски Држави, по повод учеството на 73. сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк, информираат од кабинетот на претседателот.

Иванов на 27. септември ќе има обраќање на генералната дебата на 73. сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации на тема: „Да ги направиме Обединетите нации релевантни за сите луѓе: Глобално лидерство и заедничка одговорност за мирни, рамноправни и одржливи општества“.

Во рамки на учеството на Генералното собрание на ОН Иванов ќе се сретне Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш и ќе има повеќе билатерални средби со шефови на држави и влади, учесници на Генералното собрание.

Предвидено е Иванов да присуствува на настанот на високо ниво – Глобален повик за акција за светскиот проблем со дрогата, со кој ќе претседаваат Претседателот на САД, Доналд Трамп и Генералниот секретар на ОН, Гутереш. Македонскиот претседател ќе присуствува и на Мировниот самит Нелсон Мандела 2018, пленарен состанок на високо ниво посветен на глобалниот мир, а по повод 100-годишнината од раѓањето на поранешниот јужноафрикански лидер.

Претседателот Иванов во Њу Џерси ќе оствари средба со претставници на македонската заедница.

Во рамки на работната посета на САД, на Иванов во Детроит ќе му биде врачена наградата Глобален државник, највисоко признание што го доделува Обединетата Македонска Дијаспора. Во Детроит претседателот Иванов ќе одржи предавање на Државниот универзитет Вејн, во чии рамки е Мајк Илич Школата за бизнис, и ќе оствари средба со македонската црковна заедница во Детроит.