ИВО ВАЈГЛ: Предлог до ЕУ за „нови иницијативи“ за преговори за името

Сподели

Известувачот за Република Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл, ја претстави Предлог-резолуцијата за Македонија во однос на прогрес-извештајот за 2016 година на Европската комисија, по која пред крајот на овој месец првпат ќе се дискутира на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европарламентот во Брисел.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, за првпат во оваа Резолуција, Вајгл, освен што во име на ЕП за Македонија по осми пат предлага отворање на преговорите за членство на земјата во Европската унија, како новина дава предлог за највисоките политички структури и институции на ЕУ да развијат „нови иницијативи“ заедно со посредникот на Обединетите нации за преговорите за името, Метју Нимиц, со што ќе се стави крај на долготрајниот спор меѓу Македонија и Грција.

На почетокот на Предлог-резолуцијата изготвена од европратеникот Вајгл, најпрво се повторува дека таа ги зема предвид заклучоците на Европскиот совет од Солунскиот Самит во 2003 година и ветувањето дека иднината на сите земји од Западен Балкан е во Европската унија. Исто така, се зема предвид Договорот за стабилизација и асоцијација меѓу Македонија и ЕУ, Охридскиот рамковен договор, доделениот статус на „земја-кандидат за членство во ЕУ“ во 2005 година, Договорот од Пржино, Итните реформски приоритети за земјата доделени од Европската комисија и прогрес-извештајот на ЕК од 9 ноември минатата година.

 Во неа се нотира и Декларацијата на Париската конференција за Западниот Балкан од 4 јули 2016 година, извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за успешно спроведените предвремени парламентарни избори на 11 декември 2016, Резолуциите 817 и 845 на Обединетите нации за Македонија од 1993 година и пресудата на Меѓународниот суд на правдата за прекршување на Времената спогодба од страна на Грција кон Македонија.

Со оглед на тоа што предвремените парламентарни избори што се одржаа во Македонија имале многу висок одѕив на гласачите, на почетокот на Предлог-резолуцијата за Македонија се посочува и дека „реформите и подготовките за пристапување кон ЕУ се попречени од страна на политичката поларизација“. Исто така, се забележува назадување во важни области, односно дека е потребна посветеност на клучни прашања во процесот на реформи како што се реформи во судството, јавната администрација и медиумите, невработеноста кај младите и преглед на Охридскиот рамковен договор.