Со оглед на тоа што состојбите со стабилноста во регионот и во светот ќе бидат само полоши и полоши во годините што доаѓаат, на сегашното збогување на Турција со демократијата можно е наскоро да гледаме како на релативно неважна, заборавена епизода во актуелната „турска серија“ на распадот на светската демократија и мир. Качени сме на ролокостер во глобалниот налудничав луна-парк каде настаните се менуваат со вртоглави брзини меѓу вратоломните падови и возбудливите климакси: додека се бориме за повеќе рационален оксиген по британскиот референдум за излегување од ЕУ, адреналинот наново ни удира в глава заради некаков нов терористички напад кој е толку погрозоморен од претходниот, што се чувствувате како некој да ви влегол дома и да ве треснал со тежок чекан по глава; а веќе следното вклучување на мрежите или – не дај боже – посегањето по далечинското на телевизорот е како кошмарното чувство кога рипате од авион без падобран, нешто што можеби некогаш само нагло, испотен ве пробудило од тежок сон, а сега ви се чини како опиплива реалност на отворена бездна на местото каде се наоѓа троседот во вашата дневна соба.
Секое станување од кревет наутро е како почеток на уште една дневна авантура за преживување во дождовните, опасни шуми на Амазон: претпладне ве чека борба со крокодили; до пладне ќе мора со голи раце да задавите змија која може да проголта цел човек; попладнето ќе го поминете седејќи на некое високо дрво под кое шетаат крволочни четвороножни предатори, а ако до вечерта не ве проголтало некое месојадно гигантско растение, секако ќе ве набоде некој инсект од чијшто отров ви се суши мозокот како што гние пресечена диња оставена на јулско сонце. Ноќта бдеете опкружени со белките од очите на амазонските човекојадци. До следното утро и, пак, крокодилите…
МИЛЕНКО ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ!
И сето ова – пред Доналд Трамп да биде избран за претседател на Америка! Ако мислевте дека ќе се спасиме од Трета светска војна – силно препорачувам да размислите повторно! Како што е познато, Соединетите Американски Држави се татковината на некои од најгенијалните луѓе на планетава и на најнапредните идеи на векот, но и на нивните суштински, дијаметрални спротивности: Американците, повремено, добиваат масовна потреба да бидат опчинети од некој лажен месија, од шарлатани кои им најавуваат религиозна апокалипса помешана со безбедносна видео-игричка и судбоносен спас од економскиот Армагедон, спакувани во едно Ја-па-Ја-па-Ја реалити-шоу. Како што е познато, популистите како Трамп и за најкомпликуваните предизвици на денешнинава имаат едноставни одговори. Потоа обично е предоцна кога ќе сфатите дека одговорите биле погрешни.
Тоа ви е како ВМРО-ДПМНЕ да го кандидира Миленко за претседател на државата и за потребите на неговата победа во градскиот водовод да пушти стопроцентен мешан раствор од марихуана, вотка, апаурин и сода-бикарбона, за полесно варење. Зошто апаурин? Па, кога ќе ве фати проливот, да не можете да стиснете на време. Така посрани, дури и еден Миленко ќе ви се чини како рационална, прифатлива опција. Додуша, после Иванов, Миленко навистина ви делува логички прибрано, на раб од интелигентно решение. („Дај уште една чаша од водава од чешма, многу добра денеска!“)
ПРАВДАТА Е СПОРА…
Значи, сакам да кажам, ако сé се одвива како што се договара, Македонија во декември оди на избори. Бидејќи во земјата во која секој расплет е нов заплет и речиси ништо, повторно, нема да се одвива како што е договорено, Македонија во декември, сепак, ќе оди на избори. Тоа, некако, на сите ни се чини како крајно време да се случи, оти ова веќе не се издржува. Јасно е дека додека ДПМНЕ и ДУИ се на власт, никаква промена на подобро, во смисла на демократски избори, нема да се случи. Промените се само на полошо, тонеме сé подлабоко во дупката на местото каде што ни беше троседот во дневната соба… Избори во декември? Давај!
Стратегијата на режимот за тие избори е јасна. Тукушто се „подновија“ со 450 милиони евра од евро-обврзницата кои ќе бидат користени за купување стотина илјади гласови на изборите, вклучително и свежи пари за пропагандата. ТВ Телма е во план да се угаси до почетокот на есента, доколку руско-фамилијарното превземање на „Макпетрол“ се одвива според планот на власта, па борбата за слобода речиси сосема ќе се пресели на медиумот без обали, интернет.
Што се однесува до СЈО, мене работата ми „мириса“ вака: ако се повлече до октомври од кормилото на ДПМНЕ, за Груевски ќе нема нови обвинувања до изборите; на другите, што им даде Господ (Катица), бидејќи не се дел од договорот, а и со Груевски ќе се продолжи од јануари 2017, но неговата калкулација е дека партијата ќе му помине доволно добро на тие избори, за контролата врз судството да остане доволно цврста, за „правдата“ полека, многу пополека, најполека да го стигнува водачот на најорганизираниот криминал во Македонија.
До тогаш, си вели Груевски, секако ќе победи Трамп во САД и ќе има Трета светска војна. Следствено, американскиот амбасадор во Скопје, пред повторно да им се запали амбасадата, ќе биде лименка за клоцање по улица, Нуланд ќе се загуби во виорот на распадот на НАТО, а она што ќе остане од Европската унија ќе дига толку високи ѕидови на своите брегови на Дунав, што нема да може ни да види што се случува во црните длабочини на дупчиштето Македонија. Тогаш, повторно, ќе дојдат новите „пет минути власт“ на Груевски, „пучот“ конечно ќе биде задушен. Ќе биде славено името Ердоганово.
Така си мисли Груевски, кој нема претседателска палата од илјада соби, но се труди да стигне до приближно толку станови.
ДЕМОКРАТСКА МОБИЛИЗАЦИЈА
А изборната равенка во Македонија треба да го даде решението на скорот меѓу тоа дали односот на демократски освестените со заминатите граѓани од Македонија е поголем од збирот на идеолошки задоените со клиентелистички купените? Резултатот на таа математика нема да биде демократски поволен доколку до изборите во декември не следува мобилизација на сите демократски капацитети во државата, како навистина да се работи за демократскиот судбински ден. Бидејќи се работи баш за тоа.
Дали е тоа можно? Се сомневам. Постои целата веројатност дека, наместо на мобилизација, овдешната демократска јавност ќе потроши бескрајно време и енергија да докаже кој бил во право, а кој не, кој предупредил на време, а кој задоцнил, кој тврдел вака, а кој онака, и дека е добро на „демократската ливада“ да цветаат илјада цветови, дури и кога на сите им е јасно дека власта повторно ја вклучила машинката за косење трева.
Затоа, сега следува времето кога ќе треба да се види кој е реалниот политички коалиционен и обединувачки капацитет на СДСМ и на самиот Зоран Заев. Не е спорно дека најголемиот дел од „танкерот на јавноста“ дефинитивно го има напуштено пристаништето на ДПМНЕ, но дали критичната маса од тоа пловечко мнозинство од гласачи ќе се упатат кон опозицијата или ќе реши да остане да плута на „отворено море“, ќе одлучи за тоа во кој правец ќе се движи Македонија од 2017 година натаму.
Сашо Орданоски
(Колумната е објавена во „Слободен печат“)