Собранието денеска, на продолжение на 79. пленарна седница, со 62 гласа „за“, ги донесе дополнувањата на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.
Со овој закон се уредува граѓанската одговорност за штета нанесена на честа и угледот на физичко или правно лице со навреда и клевета.
Законот ја гарантира слободата на изразување и информирање како една од битните основи на демократското општество. Ограничувањата на слободата на изразување и информирање законски се уредуваат со определување на стриктни услови за граѓанска одговорност за навреда и клевета, во согласност со Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи (член 10) и практиката на Европскиот суд за човекови права.
Една од клучните новини е значителното намалување на максималните износи кои судот може да ги досуди како надоместување на нематеријална штета предизвикана со навреда или клевета од новинар во вршење на новинарска професија, од уредник или лицето кое го заменува или од правно лице.