Изготвен водич за ништење на податоците собрани со ПИМ

Сподели

Процедурите за чување и ништење податоци собрани со посебни истражни мерки (ПИМ) се систематизирани и развиени во новоизготвениот водич, кој ги зема предвид меѓународните стандарди за чување и ништење податоци собрани со ПИМ, предизвиците, пречките и ограничувањата кои би можеле евентуално да го спречат складирањето и ништењето на ваквите податоци, но ги определува и лицата/субјектите кои треба да бидат вклучени во процесот на ништење, нивните улоги, должности, обврски и задачи.

Водичот беше развиен на барање на Основниот кривичен суд – Скопје, согласно препораките дадени од Агенцијата за заштита на лични податоци во рамките на спроведените супервизии од областа на следењето на комуникациите.

Во групата експерти од правосудниот сектор кои учествуваа како автори во изготвувањето на водичот беа и јавниот обвинител Ермон Незири, член на Советот за јавни обвинители, основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје Гаврил Бубевски, јавната обвинителка во Вишото јавно обвинителство Скопје Наташа Сарамандова, како и јавните обвинители од ОЈО ГОКК и од ОЈО Скопје Верица Бержецка Крстева, Енѓелуше Леши Кадриу и Спасенка Андонова. Освен нив, во изготвувањето учествуваа и судии, адвокати, универзитетски професори, претставници од Министерството за внатрешни работи и од Министерството за правда, од Агенцијата за заштита на лични податоци, од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и од Државниот архив на Република Северна Македонија.

Идејата за креирање Водич за ништење податоци собрани со посебни истражни мерки произлезе од потребата да се утврдат прецизни насоки кои подетално ќе го уредат процесот на ништење на материјалите од спроведените мерки. Поради нивната содржинска и персонална неселективност, податоците содржани во овие материјали вообичаено навлегуваат во приватноста, не само на личноста кон која се насочени, туку и кон лицата од нејзиното приватно или професионално опкружување. Од тие причини, прашањето за ништење е исклучително важно независно дали се ништат откако целта на нивното собирање е постигната (послужиле како доказ во кривичната постапка) или поради тоа што тие податоци немаат значење за водење на постапката. И во двата случаи станува збор за податоци кои евентуално би можеле да претставуваат потенцијална опасност во смисла на можни злоупотреби, доколку истите не се третираат со внимание. Нивното ништење претставува законска обврска за која се предвидени и конкретни временски рокови.

Водичот беше развиен низ работилниците организирани од јуни 2023 година до јули 2024 година во рамките на Програмата за реформа на разузнавачкиот и безбедносниот сектор во Република Северна Македонија, спроведувана од ДЦАФ – Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор и финансиски поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), Министерството за надворешни работи на Холандија и Шведската агенција за меѓународен развој (СИДА).

Програмата меѓудругото, помага на правосудните институции и правните практичари за јакнење на нивните капацитети и експертиза потребни за доследно спроведување на процесот на барање и судско одобрување на посебните истражни мерки.