Излезе од печат “Зелена читанка”

Сподели

 

Излезе печатеното издание на „Зелена читанка“,  во издание на ЦИВИЛ. Целта на публикацијата е, на лесно разбирлив начин, да придонесе кон подобрување на нивото на знаења за зелените прашања и зелените вредности. Публикацијата во електронска и печатена форма произлезе од истоимениот проект кој го спроведува организациската единица Зелен Цивил, во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел.

Публикацијата е печатена на рециклирана хартија и е објавена на македонски и албански јазик.

Главните цели на проектот „Зелена читанка“ беше развој на ресурсите и граѓанска едукација засновани на факти за зелените прашања и зелените вредности. Читанката е наменета за широк спектар на читателки и читатели, а особено може да биде корисна за носителите на одлуки и нивните тимови за односи со јавноста, граѓанските организации, институциите и медиумите за почетно, но и продлабочено запознавање со зелените прашања.

„Забележливо е дека дел од проблематичните одлуки на централно и локално ниво се должат отсуство на вистинско разбирање на одржливоста и меѓусебната поврзаност со другите релевантни сфери на социо-политичкото дејствување во општеството. Повеќе од итна е потребата да се разбере меѓусебната поврзаност, односно неделивост на областите како што се социјалната и еколошката правда, антинационализмот, владеењето на правото, родова еднаквост и антидискриминација. Тие и не само тие се интегрален дел од зелените политики. А тие вредности може да се негуваат и практикуваат единствено во нивната целовитост и неразделивост“ – се вели во едиторијалот на Џабир Дерала, по повод објавувањето на оваа публикација.

Проектот и публикацијата во електронска и печатена форма се заложба што се заснова на искуството на Зелен ЦИВИЛ во комуникацијата со граѓанките и граѓаните, политичките и претставниците на граѓанските организации, како и од мониторингот на медиумите, изборните и политичките процеси, од каде со сигурност може да се извлече заклучок дека недостига основно разбирање и знаења за тоа што значат зелените вредности.

Публикацијата е објавена на 134 страници и содржи 34 текстови со повеќе од стотина поими од областа на зелените прашања. Публикацијата е конципирана на тој начин што остава можност за проширување и осовременување на материјата во иднина. Објавена е на македонски и албански јазик и може да се преземе од greencivil.mk.