Денес од печат излезе збирката раскази „Скопје во високата зона“ од Калина Малеска, како ново издание во популарната едиција „ПРОаЗА“ на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ. Дизајнот на корицата го изработи Марија Смилевска, а излегувањето на книгата финансиски е потпомогнато од Град Скопје.
„Скопје во високата зона“ се состои од раскази кои, низ четири циклуси, сосредоточени на различни визии што временски и просторно се шират во и околу Скопје, истражуваат различни потенцијални начини на постоење и доживување на искуствата, како можност за трансформирање на постоечките перспективи и светогледи. Разнородни по структурата и наративните методи, расказите содржат утописки, дистописки елементи, реинтерпретација на постоечки бајки, лични доживувања, како и слики на специфични моменти од животот.
„Читателот посакува да се нурне во кујната на Калина и да ја пронајде онаа суштествена состојка која го дава неодолливиот вкус на збирката: нејзиниот несомнен урбан сензибилитет, шармантните лингвистички игри и инвентивните раскажувачки експерименти, непретенциозната и спонтана нарација која ги проникнува реалното и фиктивното, постапката на „очуднување“ на стварноста, критичката визура на некои актуелни „теми и дилеми“…“. Лидија Капушевска-Дракулевска
„Малеска создала еден вид скопски прозен „времеплов”, во кој низ фикционална призма читателите можат да ги следат не само трансформациите на урбаниот простор, ами и промените на навиките, сфаќањата, меѓучовечките односи, менталитетите, вредносните системи и светогледите на скопјани низ вековите.“ Владимир Мартиновски
Калина Малеска е авторка на три збирки раскази: Недоразбирања (Македонска книга, 1998), Именување на инсектот (Слово, 2008) и Мојот непријател Итар Пејо (Или-Или, 2016), романите Бруно и боите (Слово, 2006) и Призраци со срмени нишки (Слово, 2014), драмата Случка меѓу настани: Хипатија од Александрија (Слово, 2010), книгата за деца Арно ама (Или-Или, 2018) и книжевната студија Облици на моќ во современата книжевност (Или-Или, 2020).
Малеска е професорка по англиска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје, а нејзини статии поврзани за книжевни истражувања се објавени во домашни и меѓународни списанија. Се занимава и со книжевни преводи, а некои од делата што ги превела се: Тристрам Шенди од Лоренс Стерн, раскази од Амброуз Бирс, Волшебникот од Оз од Л. Френк Баум.