Изложба „Модерна традиција“ на Филип Фидановски

Сподели

Во рамки на јубилејното 45. издание на манифестацијата „Скопско лето“ ќе се отвори изложба насловена „Модерна традиција“ на Филип Фидановски.

Гостин на изложбата: Маријана Костојчиноска Узунчева
Куратор: Јасминка Намичева

Изложбата „Модерна традиција“ претставува спој на традиционалната грнчарија, која е автентична за македонската традиција и нејзиното трансформирање во модерен визуелен стил со авторски пристап на уметникот. Со оваа изложба, се насочува внимание кон зачувувањето на традиционалниот грнчарски занает, кој е во ризик од исчезнување, и ја илустрира умешноста на авторот преку неговото сликарство во керамиката, кое се смета за една посебна и уникатна дисциплина во керамичката уметност.
Со тоа што се враќа во употреба заборавениот начин на приготвување на храна и го унапредува стариот занает, се цели да се замисли начинот на живеење на модерниот човек и како може да се вклучи традицијата во тој начин на живеење. На изложбата, ќе бидат претставени повеќе традиционални садови кои сè уште се произведуваат, со задржан нивен облик и функција.
Изложбата е концепирана на начин што керамиките ќе бидат поставени на маса која ќе биде прекриена со чаршаф со стилизирани фолклорни елементи и ќе биде сервирана во функција на традиционално послужување на храна, слично на она во домовите и рестораните. Со ова, гледачот ќе има можност да кружи околу масата и да се запознае со културата на сервирање на садовите и нивната основна функција.
Оваа изложба на керамика не само што ќе ги прикаже креациите на уметникот, туку и ќе го поттикне интересот кон традицијата и уметноста во керамиката кај пошироката јавност. Со прикажувањето на традиционалните садови на начин што го сретнуваме во секојдневниот живот, оваа изложба ги обединува минатото и современоста и ја остварува целта за оживување и промовирање на традицијата во модерниот свет.