Изложба „Убавите жени“ на Славчо Максимовски во Загреб

Сподели

 

 

 

Ликовниот уметник Славчо Максимовски од Тетово, вчеравечер во салата „Тоше Проески“ во Македонската православна црква „Св. Злата Мегленска“ во Загреб ја постави изложбата „Убавите жени“, а промотор на изложбата беше хрватската пратеничка Маријана Петир, со поддршка на Македонско – хрватското друштво од Тетово.

Концептот за „Убавите жени“ инспириран од песната на Блаже Конески, содржи 29 фотографии на македонски жени, беше претставен и пред хрватската јавност.

 

 
 
Станува збор за комбинација на класична фотографија, цртеж во комбинирана техника и дигитална обработка односно фото манипулација. Димензиите на сите фотографии се 50/70см. Изборот на жени неслучајно е направен и е составен од жени од различни професии и различна возраст. Минатата година оваа изложба беше претставена во септември и октомври пред публиката во Тетово и Скопје.
 
 
 
 
 
-Замислата е да се даде почит кон жените и да се претстават жени кои преку психологијата на нивните ликови ќе ја појаснат убавината, односно суштината на жените кои живеат тука, успешни, без бариери и предрасуди. Жените мора да се столб на едно општество. Притоа, не се мисли само на физичката убавина туку на поривот за истрајност, борбеност, мистика, страст, херојство, непокорност на патот кон успехот, и секако жената како центар на светот, изјави авторот Максимовски.