Изложба во Чифте Амам “ВЕТАР ПАРАКЛЕТ” на Димитрие Дурацовски

Сподели

 

Изложба”ВЕТАР ПАРАКЛЕТ” на Димитрие Дурацовски, 1 септември, Чифте Амам, 20 часот

Творештвото на Дурацовски може да се одбележи како метафизичко и во исто време концептуално и имајќи го предвид времето во кое што почнува да твори (1973) и кога неофицијално престанува со сликарството (1987), можеме недвосмислено да кажеме дека тој е творец претеча на современиот концептуален ликовен израз во Македонија.

Димитрие Дурацовски како автор е необична појава во современата македонска уметност, тој е осамен но интелектуално љубопитен творец кој живее и работи во Струга. Во стремежот да формира целосна визија за светот тој ги користи изразните средства и можности на сликарството, цртежот и пишаниот збор. Основната тема ја наоѓа во свртеноста и испитувањето на таинствените простори на човечкиот дух, каде неретко се допираат или бришат границите помеѓу реалното и фантастичното, можното и неможното, рациото и ирациото… Мислата е првата и внатрешно осмислувачка содржина на неговите дела, која на некој начин ги дообликува ликовните визии во нашата свест.

Реалната форма во неговите платна, решена како фигуративни композиции во класичен кулоарско-илузионистичи декор со крајно поедноставени кукловидни човечки форми и редуциран хроматизам го означува оностраното и недефинираното.

Неговите цртежи комбинирани со текстови, прибелешки, теоретски и литерарни разгледувања, упатуваат на користење на одредени елементи, методи и сознанија од надреализмот и психоанализата.

Останува впечатокот за недореченоста на македонската критика за овој автор, со чувство дека нешто се крие зад она што го гледаме и читаме во неговите дела. Тоа предчуствување и таинственост е можеби најзначајното во процесот на создавање, па така преку оваа изложба за прв пат во целост ќе биде презентирано пред македонската јавност.