Изложба во Музејот на македонската борба по повод 120 години од Илинденското востание

Сподели

 

 

Со серија настани коишто ќе бидат организирани во текот на годинава, НУ Музеј на македонската борба за самостојност се вклучува во одбележувањето на големиот јубилеј „120 години од Илинденското востание“.

По тој повод во Музејот на македонската борба за самостојност, во тек е изложба на фотографии и документи поставени на 26 врамени паноа, кои ги претставуваат историските премрежија на патот до независноста на Македонија во 1991 година, каде се вткаени 120 години борба за државност и самостојност.

Во годината кога се одбележуваат 120 години од Илинденското востание и создавањето на Крушевската Република, историски настани што го одразуваат врвниот дострел на борбата на македонскиот народ за слобода и државност, НУ Музеј на македонската борба за самостојност го реализира проектот Измени, дополнувања и технолошко осовременување на музејска поставка – „Македонија во илинденскиот период“.

Проектот е дел од годишната програма на музејот за 2023 година од областа на музејската дејност и заштита на нематеријално културно наследство во којшто континуирано се одвиваат активности за дополнување, измени, реорганизација, адаптација и реконцепција, како и технолошко осовременување на музејската поставка за национално револуционерниот период, вклучително и Илинденскиот период.