Во Културно-информативниот центар на РС Македонија во Истанбул утре (5 декември 2024 г.) во 18:00 часот ќе биде отворена изложба посветена на животот и делото на скопјанката Мајка Тереза.
Изложбата, која е во организација на Спомен-куќата на Мајка Тереза и македонскиот КИЦ во Истанбул, има цел да го доближи до публиката исклучителниот животен пат на познатата светица и хуманистка, чиј дух и мисија остануваат инспирација за човештвото.
Изложбата ќе ја претстави приказната за Мајка Тереза преку 17 „рол-банери“ и колажи, кои ги прикажуваат нејзиното детство, младоста во нејзиниот роден град, семејството и блиските пријатели. Публиката ќе има можност да ги види и животните етапи на Мајка Тереза, вклучувајќи го времето поминато во сестринството Лорето во Индија, формирањето на „Мисионерки на милосрдието“, фотографиите од нејзините посети во Скопје, моментите на беатификацијата и канонизацијата, како и фотографии од погребот. Ќе бидат изложени копии од значајни награди и документи, а ќе бидат прикажани и документарни филмови за нејзиниот живот.