Изложби на добитниците на наградата „Најуспешен автор и дело“

Сподели

Во Музејот на современата уметност – Скопје, на 5 септември, со почеток во 20 часот ќе бидат отворени самостојни изложби на двајца млади уметници, кои се добитници на наградата „Најуспешен автор и дело“ доделена на 14. Меѓународно биенале на млади уметници „Будења“, 2023.

Со самостојна поставка ќе се претстават Серхат Емрулаи (РС Македонија), кој е победник на Биеналето за делото насловено „Помеѓу“, инсталација, 2022 и Наџа Крачуновиќ (Србија), победник на Биеналето за делото „Хидра“, видео перформанс, 2023.

„Хидра“, 2023 на Наџа Крачуновиќ е перформативен видео приказ на неколкумесечна истрага во полето на личниот, автентичниот, интимниот женски глас како отпор кон патријахалниот пејзаж.

Инсталацијата „Помеѓу“, 2022 на уметникот Серхат Емрулаи преку континуираниот какофоничен звук од вртењето на лажичките за чај го третира прашањето на времето, каде минатото и сегашноста ги одбележува непрекинатото очекување.

Куратори на изложбите се Ива Димовски, Бојана Јанева и Никола Узуновски.