Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, денеска изјави дека одговорност за разрешницата на предметите кои ги отвори СЈО, треба да се бара во судството.
Јанева изјави дека СЈО е само орган кој гони, а во суд има предмети кои се предадени пред речиси две години и се уште се без одлуки.
„Вината за тие работи треба да се бара во судовите“, рече Јанева, во изјава на настанот „Реформски бенчмаркови: Дали имаме реформи и зошто не?“
Барањето на ВМРО-ДПМНЕ за нејзино разрешување од функцијата во СЈО е политичка изјава која што ниту држи вода, ниту е на место и нема основа.
-„Мене не може да ме сменат, затоа што во законот нема персонални решенија. Се знае што се пишува во закон, ако сме писмени во Македонија за да сфатиме дека тоа не се пишува во закон“.
Мандатот на Јанева завршува на 15.септември, но ако сега се донесе нов закон, таа посочи дека не и истекува мандатот. Доколку има реизбор на функцијата, Јанева порача дека повторно ќе конкурира, оти го заслужува тоа место.
Таа истакна дека не може да го коментира прашањето дали е потребна лидерска средба за решавање на судбината на СЈО, оти како што рече, тоа е политичка работа и таа не е во тек со политичките настани.