Интервју со Љупчо Јаневски, кандидат за градоначалник на Општина Ѓорче Петров од коалицијата на ДОМ и ЛДП, под слоганот “ОЛУЧНО ЗА ЃОРЧЕ”
ДЕНЕС: Во трката за Ѓорче влегувате со поддршка на коалицијата на ДОМ и ЛДП. Колку би ја застапувале политиката на зелените, а колку на либералите, што значи тоа во менџирање на една општина како Ѓорче Петров?
ЈАНЕВСКИ: Во мојата кандидатура кажав дека Ѓорче треба да биде првата зелена општина, а тоа значи дека треба многу да работиме на зелениот концепт, на обновливите извори на енергија, на дигитализацијата, нула депонии, селективни центри во општината и др. Зошто сите основни и средни училишта на територијата од Ѓорче да немаат фотоволтаици и соларни фарми? На таков начин ќе станат самоодржливи и ќе создадеме заштеда на финансии кои на подолг рок ќе се алоцираат за други проекти. Тоа го говориме и за многу други хоризонтални и вертикални градини кои што можат да се направат во Ѓорче, со малку поголема доверба и заедничка работа. Целиот концепт е развој на општината на еден помодерен начин. Кога говориме за одржливост на општината, говориме за тоа што е неопходно да се направи, а тоа е сите заедно со целиот интелектуален капацитет на оштината, да застанеме во нејзин развој и да го направиме Ѓорче место каде што ќе сакаат луѓето да живеат, а не од каде што ќе сакаат луѓето да си заминат. Ако сакаме во моментов да возиме велосипед – тоа треба да го направиме од Влае, ако сакаме урбани паркови – тоа треба да го направиме од Влае, ако треба да следиме културни настани – тоа треба да го направиме од Влае, многу работи почнуват и завршуваат во Влае. Во тој случај, како ќе го развиваме Ѓорче Петров? Потребно е самостојно и патриотски да ја развиваме нашата општина, а тоа ѓорчепетровци го знаат добро низ годините наназад.
ДЕНЕС: Сепак, за добар дел од ова што го посочивте како проекти, потребен е буџет. Ѓорче не е општина во којашто се влеваат даноци од големи индустриски објекти, а факт е дека оттаму се храни општината и со тоа се менаџира развојот. Со оглед на буџетот на општината кој и не е толку голем, како планирате ова да го реализирате?
ЈАНЕВСКИ: Многупати, голем број на општини се фокусирааат на градење на нови објекти, без да ја видат обврската која се создава со истите од потребна патна инфраструктура и останатата подземна, за која многупати е повеќе од платените комуналии за градба. Не би сакал да добијат жителите на Ѓорче Петров впечаток дека не сум за развој на општината, туку за хумано урбано планирање максимум до пет ката и голем број на хоризонтални кровови. Во целост примена на законот за урбано зеленило и 20% неопходно зеленило на секоја нова градба во општината. Но, кога говорам хумано-урбано планирање и хумано-урбан развој на самата општина, тоа значи дека таа самата треба да генерира средства и да создава други извори на финансии, пред сѐ привлекување на незагадувачка, зелена индустрија, рециклажа, а со помош на јавното претпријатие да се започне со селектирање на отпад и создавање на нови, зелени работни места. При менаџирањето на општината е многу важно нејзиниот буџет рационално да се троши, но и да се инвестира во индустрија која брзо ќе создаде доплнителна вредност и нема да биде загадувачка. Изминатиот период тоа недостасуваше! Факт е дека треба да се потрудиме да создадеме добри услови за инвестиции во спортот, ИТ технологија и дигитализација на самата оштина, бидејќи со тоа ќе се отвори можност за инвестиции од страна на поголемите компании кои ќе го препознаат овој напредок, што дополнително ќе овозможат подобри услови за младите фирми и претприемачите да го започнат својот бизнис. Тоа би се реализирало преку стимулација на кластери на микро и малите компании, заеднички да создадат нови вредности во општината и дополнителни бенифиции доколку вработуваат жители од нашата општина. Ѓорче треба да биде една мала, модерна општина, која што ќе изобилува со културни настани, со млади луѓе кои ќе креираат политики, но истовремено ќе биде доволно патриотски настроена кон бизнисите во општината, нудејќи им шанса за развој и самостојност, но и можност да придонесат за општината во која гравитираат и опстојуваат.
ДЕНЕС: На ниво на цела држава има скептицизам и поделеност на про и против одредени политички партии и нивните членови. Љупчо Јаневски е релативно нов на политичката сцена, па на кој начин планира Јаневски да ги привлече гласачите. Кој е Љупчо Јаневски?
ЈАНЕВСКИ: Доволно е од ваши и наши, доволно е од нивни, доволно е од леви и десни. Овде се работи за нас, ЗА ЃОРЧЕ! За сите луѓе кои што гравитираме и живееме во општината и според мене доволно се поделби бидејки резултатот е очигледен. Сега се потребни здружувања за да направиме нешто повеќе. Јас сум човек кој што има визија да направи од Ѓорче место за луѓе кои ќе сакаат да живеат во него, не само затоа што квадратот и местото им е евтино, туку затоа што има соодветна инфраструктура: градинки, училишта, безбедност, работни места, кино, театар па макар и летна сцена, инвестиции …И сето тоа да им биде на чекор од домот.
Неопходно е да работиме фазно: прво да ги задржиме младите, потоа да им влееме оптимизам преку промени и во пракса, да докажеме дека можеме да направиме едно модерно Ѓорче. Тоа нема да се случи за 4 години, но можеби ќе се случи за 8 години, затоа што според мене 30 години не е направено доволно. Јас сум доктор по науки за туризам и угостителство, човек кој што мастерот му бил за менаџмент и нескромно ќе кажам дека сме направиле успеси во туристичкиот сектор, а како татко на општината ќе се заложам да создадам модерна и транспарентна општина. Советничката листа која што ја предлагам како кандидат за градоначалник е соодветна, затоа што тие луѓе треба да бидат секогаш достапни на граѓаните, бидејќи тие ги носат одлуките. Затоа, ние ја бараме довербата од нив, а тие ќе бидат чувари на општината од лоши урбани потези и недомаќинско работење.
Според истражувањата 60% од граѓаните на Ѓорче Петров не може да набројат два актуелни советници, бидејќи никогаш не стапиле во комуникација со нив. Тоа е неприфатливо бидејќи еднаш во неделата ќе има отворен ден за граѓаните во општината и достапност на советниците кои се во нивна служба кои се од нив изгласани.
ДЕНЕС: Верувате ли дека имате шанса за реална борба со кандидатите од големите политички партии?
ЈАНЕВСКИ: Со тоа што јас се кандидирав ние веќе победивме, таков е и нашиот слоган ОДЛУЧНО ЗА ЃОРЧЕ! Со самото тоа што се овозможи нова визија за прва зелена општина во Скопје на граѓаните на Ѓорче, ние се издвоивме. Ѓорчевци многу години наназад можеле да избираат од само два кандидати, а сега веќе нема да имаат изговор за апстиненција и ги повикувам одлучно да излезат и да докажеме дека Ѓорче ни е сѐ. Драго ми е што и останатите кандидати во својата програма имаат зелени делови и се надевам дека ќе имаме една фер и културна борба, во којашто преку своите проекти ќе поентираме. Јас стојам секогаш со мојот интелектуален капацитет да допринесувам за моето, твоето и нашето Ѓорче!
ДЕНЕС: Дали вашата кандидатура е резултат на револт?
ЈАНЕВСКИ: Во некој случај да, бидејќи ние како интелектуалци некогаш треба да излеземе од својата комотна зона. Како и сите останати граѓани, треба да застанеме позади тоа што го промовираме и со својот интелектуален капацитет да помогнеме и да дадеме различно гледиште на самата општина. За тоа ние сме должни како луѓе, како граѓани на оваа земја! Општествено одговорно е да понудиме нови идеи, концепти, опции и да пренесеме искуство, а верувам дека тоа можеме да го направиме. Според мене патриотизмот не е викање УАА! Не е делење на ваши и наши, на леви и десни. Патриотизмот е претставен и преку фарбање на ограда, косење трева, чистење на улица, подигање на сметот, иако не мој или наш, за да дадеме пример и мотивираме други да госледат. Тоа е многу повеќе и влијае позитивно на останатите, ни помага да направиме подобро место на живеење. Верувам дека тоа ќе го препознаат жителите на општината Ѓорче Петров, луѓето коишто долго години се горди затоа што нивната општина е дел од Скопје, но и посебен дел од него. Јас верувам во Ѓорчевци и во многу нешта сум сигурен дека ќе ја заслужам нивната доверба.