“Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против пет физички лица и едно правно лице, поради постоење на основано сомнение дека првоосомничениот сторил продолжено кривично дело „Измама“ предвидено и казниво по член 247 став 4 во врска со член 45 и кривично дело „Перење пари и други приноси од казниво дело “ по член 273 став 1 од Кривичниот законик. Останатите лица се сомничат дека помагале при извршување на кривичното дело „Измама“ по член 247 став 4 во врска со став 1 во врска со член 24, а тројца од нив се сомничат дека помагале и при извршување на кривичното дело „Перење пари и други приноси од казниво дело “ по член 273 став 1 во врска со член 24 од Кривичниот законик. Правното лице се сомничи дека сторило кривично дело „Измама“ по член 247 став 8 во врска со став 4, врска со став 1 од Кривичниот законик.
Врз основа на предистражната постапка обвинителот што раководи со постапката, дојде до сознанија што укажуваат дека во периодот од јули 2017 година до април 2018 година, првоосомничениот како претседател на осомниченото правно лице, искористувајќи документи од правното лице, довел и одржувал во заблуда двајца управители на две друштва за градежништво. Тој, лажно прикажувајќи дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на центар за возрасни лица и мобилен сервис, а потоа и субвенционирање од страна на државата, од оштетените преку авторска агенција успеал да добие парични средства од 719.905 евра од едното правно лице и 233.821 евра од другото. Останатите осомничени лица со умисла му помагале на првоосомничениот во извршувањето на кривичните дела изготвувајќи договори, подигнувајќи ги уплатените средства и уплаќајќи средства на други правни лица по основ на позајмица или донација. Воедно, едно од осомничените лица како функционер, заедно со првоосомничениот присуствувало на средбите организирани од првоосомничениот, при што го искористило својот углед и авторитет и оштетените стекнале впечаток дека зад понудените проекти стои извршната власт.
Ценејќи дека се исполнети законските услови за определување на мерки за обезбедување на присуство на осомничените, надлежниот јавен обвинител до судијата на предходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје во текот на денот ќе достави Предлог за определување на мерка притвор за едно лице и мерки на претпазливост за останатите осомничени лица. Првоосомничениот во рамките на друга постапка се наоѓа во притвор” – стои во соопштението на Јавното обвинителство.