Вести Изјави Македонија Топ теми Ударни вести

Јовановски: Со вакви цени на струјата, уште колку компании ќе стават катанец во периодот што следува?

Сподели:

 

Некому можеби му изгледа чудно и се прашува зошто Стопанската комора толку често и толку многу пати го поставува во јавноста прашањето за цената на струјата.

 

 

„Пред мене имам конкретни податоци за сметката за струја на една компанија членка на Комората. Иако во јули годинава компанијата потрошила помалку струја од јули минатата година, сметката за струја годинава ѝ е речиси шестпати поголема во однос на јули минатата година. Лани за јули платила околу 1 милион денари, а годинава за јули – 6 милиони денари. Кој бизнис-сектор ќе го издржи ова и до кога?“ посочи м-р Зоран Јовановски, потпретседател на Стопанската комора, на денешната прес-конференција.

Според Централниот регистар, во текот на целата 2021 година од трговскиот регистар и од регистарот на други правни лица се избришани 6.995 правни лица, а во 2022 година, според моментално објавените податоци, веќе се избришани 5.324 правни лица. Со вакви цени на струјата, уште колку компании ќе го стават катанецот на вратата во периодот што следува?

Во овој момент вели Јовановски, нема поголем проблем за македонската економија од проблемот со цената на струјата. Затоа веќе подолг временски период Стопанската комора се фокусира токму на ова прашање, организира работни средби со претставници на разни надлежни државни институции, во јавноста предлага повеќе мерки, а сега го чека одговорот на Владата и на државните институции.

Владата мора да најде избалансирани решенија, кои ќе му овозможат на бизнис-секторот да преживее. Ако не се случи тоа и ако многу фирми се затворат, тогаш и многу работни места ќе се изгубат. Ако луѓето останат без плата, нема да можат да ја платат сметката за струја, колку и да е таа субвенционирана од Владата.  

Патем, да истакнеме дека прашањето за цената на струјата не е актуелно само во моментов, туку е важно и за во иднина. Да земеме едноставен пример: да претпоставиме дека по една фирма од сите земји од нашиот регион произведува ист производ и дека сите тие си конкурираат меѓу себе. Ако претпоставиме дека сите фирми имаат ист трошок за сите ставки, а се разликуваат само кај ставката трошок за електрична енергија, тогаш  производот на македонската компанија ќе биде најскап и најмалку ќе се продава. Според расположливите податоци од разни извори, цената на струјата за компаниите во сите други земји од регионот е пониска од нашата, а тоа ги прави нашите компании ценовно неконкурентни. Со други зборови, цената на струјата не е само тековно актуелно прашање, туку е и прашање на долгорочна конкурентност.

Потпретседателот на Комората Јовановски вели, да заклучиме: цената на струјата е најважното економско прашање – во моментов прашање за опстанок на македонскиот бизнис-сектор. Затоа очекуваме Владата што побргу да ги прифати предлозите објавени во повеќе наврати од Стопанската комора и да преземе чекори за нивна примена. Потребна е итна реакција затоа што времето минува, а ризиците се зголемуваат.

Сподели: