ЈСП Скопје ќе започне со вонредна дезинфекција на возилата вклучени во јавниот превоз, како и на кабините на Жичарницата на Водно, се вели во соопштението на ЈСП Скопје.
По завршување на смената и утврдената рута, секој автобус ќе биде дезинфициран со соодветно средство на база на алкохол и Дезинтал 10 отсто, односно со распрскување ќе се третира внатрешноста на автобусот, а рачно ќе се дезинфицираат и одделни делови од возилото како ракодржачи и слично.
Дополнителната дезинфекција се презема како мерка за заштита од коронавирусот со оглед на тоа што јавниот превоз во Скопје секојдневно во просек го користат 115.000-130.000 граѓани, а стотици граѓани ја посетуваат и ја користат Жичарницата.
Од ЈСП Скопје наведуваат и дека внатрешна дезинфекција на автобусите се врши секојдневно преку т.н. редовна дневна нега (чистење, миење) на возилата. Притоа, возилата се третираат со соодветни еколошки средства кои имаат дезинфекционо својство – се наведува во соопштението.