Локалните медиуми наведуваат дека јужнокорејските истражувачи биле спречени во намерата да извршат претрес на претседателскиот кабинет, познат како Сина куќа, поради наводни безбедносни причини, пренесува Anadolu Agency (AA).
Специјалните обвинители добија налог за претрес и конфискација на Сината куќа од Централниот окружен суд во Сеул, бидејќи спроведуваат истрага за скандалот во врска со злоупотреба на позицијата, поради кој во декември минатата година претседателката Парк Геун-Хје беше сменета од функцијата.
Сината куќа никогаш претходно не била претресувана и има посебна правна заштита против присилниот претрес, но само во случаите кога се смета дека претресот би значел повреда на националниот интерес.
„Со оглед на тоа што претседателскиот комплекс спаѓа во категоријата безбедносни објекти со кои се занимаваат воените и разузнавачки служби, не можеме да прифатиме каков било претрес во согласност со постоечките обичаи“, објасни за јужнокорејските медиуми анонимниот извор од претседателскиот кабинет.
Тој додаде дека претседателскиот кабинет ќе соработува со истражителите така што доброволно ќе им ги предаде сите документи.
Исто така, во октомври обвинителите не успеаја да извршат претрес на Сината куќа, пред истрагата да ја преземат специјалните истражители.
Во секој случај, Уставниот суд до јуни ќе донесе одлука дали ја прифаќа нејзината смена од страна на Парламентот, откако ќе ја оценат тежината на обвинението дека Парк била под влијание на своите советници, кои го користеле тоа за да извлечат материјална корист за себе.
Уличните протести против Парк ќе продолжат и овој викенд низ Јужна Кореја, а од избивањето на скандалот во октомври, во нив учестуваат милиони лица.