Министерството за труд и социјална политика во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, подготви кампања за превенција и заштита од семејно насилство во вонредна состојба COVID-19 преку која жртвите на семејно насилство но и целата јавност се информираат за препознавање на сите формите на семејно насилство, каде да се обратат и пријават за помош и кои се постоечките сервиси за заштита на жртвите на семејно насилство.
Тргнувајќи од уставните определби за заштита на основните човекови права и слободи и почитувајќи ги општо прифатените норми на меѓународното право за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жената, вклучувајќи го и семејното насилство, Владата на Република Северна Македонија и во вонредна состојба, обезбедува целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID 19 и ги потврдува своите заложби за преземање на сите неопходни мерки за заштита на жртвите на семејно насилство.
Семејното насилство е кривично дело. Секој има право да го живее сопствениот живот безбедно и во согласност со своите потреби. Затоа Министерството за труд и социјална политика ги охрабрува жртвите на семејно насилство, но и сите граѓани кои се сведоци или имат сознанија за насилство, да го пријават истото на СОС линиите, најблиската полициска станица, центарот за социјална работа, здравствена установа, за да можат стручните лица да постапат и да ги заштитат од сторителот на семејното насилство.