Ниту пишувањето, ниту читањето историја е едноставна работа, како што обично се мисли. Иако американскиот писател Емброуз Бирс (1842-1914) запишал дека „историчарите се пренесувачи на озборувањата“, сепак сериозната историографија подразбира макотрпно и долготрајно откривање, испитување и анализирање на мноштво факти, хронолошко средување на податоци и настани во просторот и времето, аналитичко распоредување на сознанијата, логично толкување на настаните и создавање на релевантни и објективизирани судови и заклучоци. На крајот историската процедура има за цел, како што вели Пол Валери, „одредување на законитост која, место многубројните збунувачки и противречни статистики и детални податоци, се јавува како сигурна мерка за вистината.“ Затоа кај читањето на историските текстови особено важна улога игра и личноста на читателот, односно дали тоа што го чита ќе го прима здраво за готово, или ќе се сомнева, па врз темелот на своето сопствено логично расудување и своето уверување некои идеолошко-политички небулози прошверцувани преку историографијата ќе ги одбива како неверодостојни четива.
Историјата, најчесто, е строго прецизна, возвишена и озбилна. Историјата со сите свои статистики и дескрипции на војувалишта, капитулации и херојства, но и на економски, социјални и културни достигнувања е токму оној дел од општествената стварност што е исклучително важен при формирањето на идентитетот. Имено, историјата низ текот на животот, постепено и незабележливо, сите нè интегрира во определен историски индентитет. Оттаму, таа, всушност, ни наметнува должност на морално и практично дејствување во име на минатото. Поинаку кажано, недвојбено е дека историјата која е составена од минатото на заедницата и нацијата на која ѝ припаѓаме ги генерира нашите идентитети.
Ние, Македонците, имаме еден вид „историја“ во која, сè уште, не се препознава доволно јасно линијата меѓу минатото, сегашноста и иднината. Во несреќните историски околности што ја следеле Македонија, секогаш се наоѓаат услови за создавање „исчашени парадигми“ за „пресоздавање“ на минатото. Македонскиот човек кој беше делен, ситнен, асимилиран, денационализиран, поткупуван, меѓусебно спротиставуван и раскаруван, беше и е жртва на туѓородни интереси, не само на големите светски сили, туку и на соседните земји, при креирањето на стварноста во Македонија, но и при пишувањето на историјата. Нашиот човек беше топовско месо на „големата историја“ и затоа секогаш остануваше „нерационален“ во развојот со негување на имагинарни култови и митови, соништа и очекувања.
Затоа, најголемата несреќа на нашата македонска историја не е што беше тешка и крвава, оти таква е секоја друга историја, туку во тоа што преку нејзиното националистичко толкување и патетично препрочитување во последните десеттина години се фабрикуваа митови, големодржавни фикции и непријатели, се водеа фантазмагорични борби и со сè тоа се произведуваше тешка сегашност и безнадежна иднина. Секако, не мислам дека денес од инсталираната шовинистичка и врховистичка историја може едноставно „да се излезе“, но во секој случај мора да започне процес на нејзина трансформација од воденички камен врзан за нашите нозе, во крила со кои ќе летаме.
Да нема недоразбирања, зборувам за тоа дека треба да се афирмира и пропагира модел на историографија во кој културата и позитивните политички процеси ќе бидат доминантни. Тој тип на историја би бил кохезивен материјал за општество и етнонационалните групи во негови рамки. Со тој тип на историографија истовремено се зајакнува можноста наместо статична, да се формира динамична свест за изминатите случувања, место монументална и антикварна историја да имаме хуманистичка историја во која моралниот и вреден човек ќе биде главен протагонист. Зборувам за тоа дека ни е потребено укинување на историографијата што нè заплеткува во омраза и нè притиска кон агресија, и нејзино заменување со историографија која ќе нè ослободува и поврзува на регионално и светско ниво. Зборувам за тоа дека ни е потребена историографија што нема арогантно да дели лекции, туку таква што ќе поучува, насочува и ќе ги надминува закоравените стериотипи. И, повторно, нагласувам дека историјата, не смее да оди спротивно од научноста и универзалните етички норми, а, во нашиот случај, и на штета на македонскиот национален идентитет.