Кандидатите за градоначалници на Град Скопје на претстојните локални избори денеска во седиштето на Државната изборна комисија потпишаа кодекс за фер и демократски избори.
Со потпишувањето на Кодексот, кандидатите се обврзуваат дека нема да вршат никаков притисок или обид за притисок врз вработените во јавната и државната администрација, во други институции или установи, финансирани од буџетот на државата, буџетите на општините и Град Скопје, како и во трговски друштва и претпријатија со државен капитал.
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од СДСМ, Петре Шилегов не им посака среќа на останатите кандидати, бидејќи како што кажа, се надева дека граѓаните ќе одлучат да направат промена.
– Се надевам дека она што му се случуваше на Скопје и на останатите општини повеќе никогаш нема да се повтори – рече Шилегов.
Актуелниот градоначалник на Град Скопје, Коце Трајановски кој ќе се трка за втор мандат, на сите кандидати им посака среќа и успех, повика на фер и демократски избори и им порача да водат фер кампања.
– Имајќи предвид како стартуваше новата влада ќе треба многу да направи за овие избори да бидат фер и слободни – рече Трајановски.