Имам потреба да го кажам својот став околу приоритетната листа за вакцинација.
Покрај здравствените работници и хронично болните од сите старосни групи требаше да бидат на приоритетната листа. Секако дека сите треба да имаме можност што поскоро да се вакцинираме и да се заштитиме.
Јас како родител на дете со нетипичен развој мислам дека лицата од оваа категорија како и нивните родители/старатели исто така требаше да се високо на приоритетната листа. Ова можеби звучи себично затоа што и јас спаѓам во оваа категорија и затоа сакам да го образложам. Доколку едно лице/ дете со аутизам биде позитивно и треба да се хоспитализира тоа автоматско значи и дека еден родител треба да го придружува. Доколку пак родителот биде позитивен тоа значи дека лицето/ детето треба да биде во изолација, а за секој кој и малку знае за аутизмот знае какво е негативното влијание од тоа. Тие често се невербални и не се во состојба да објаснат промена во својата здравствена состојба која може да укажува на симптоми на Ковид 19 и со тоа лесно да се преносители без свое знаење. Овие лица најчесто не се самостални и функционални и се зависни од своите родители, браќа и сестри.
Во многу земји во светот беше посочено дека лицата со Даунов синдром треба да се на високо место на приоритетната листа поради можните фатални последици од Ковид 19 со оглед на нивното здравје. Истото важи и за лицата со церебрална парализа или друга состојба поради која се во количка. Да ги спомнам и самохраните родители на овие деца. Кој ќе се грижи за децата додека родителот е позитивен и има потреба од хоспитализација на пример? Има уште многу аспекти, но за едно општество кое сака да покаже и докаже дека се грижи за своите немоќни граѓани ова е доволно. Покрај дискриминацијата и стигматизацијата која ја живеат овие лица за промена може да покажеме дека заложбата за остварување на нивните права и инклузија во општеството не се само празни зборови.
Би сакал Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести да ги разгледа овие сугестии.
Зоран Кардула, ФБ статус