По одлуката на Апелацискиот суд во Скопје градоначалникот на Битола, Владимир Талески, да остане во куќен притвор, денеска советниците од ЛДП и од опозицијата во Општина Битола поднесоа барање на следната седница на Советот, која треба да се одржи во јули, на дневен ред да се стави точка со која на Талески ќе му се препорача да си поднесе оставка на функцијата.
Според советникот на ЛДП, Александар Касапов, со оставката на Талески ќе се отстранат пречките за Општината да може нормално да функционира, а со препораката Советот како орган на Општина Битола ќе се огради од обвинението за криминал, тежок 360.000 евра.
Со ова барање Касапов вели дека на тест ќе бидат советниците на ВМРО-ДПМНЕ на кои им се дава шсна да изберат помеѓу битолчани, кои бараат оставка од Талески, или да застанат во одбрана на криминалот.
– Како што на Европа, за жал, ѝ се случи Брексит, на Битола, на задоволство на битолчани, мора да ѝ се случи „Владимир Талески ексит“. Талески мора да си оди и токму затоа и денеска бараме веднаш да си поднесе оставка – рече либерал-демократот Касапов.
Според неговите информации, градоначалникот Талески не може да потпишува документи од Општината бидејќи освен неговите роднини од прво колено, никој друг не може туку-така да влегува во неговиот дом поради куќниот притвор.