Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, денеска соопшти дека во периодот што следи во СЈО ќе има зголемена фрекфенција на лица кои се повикуваат во врска со предметите што ги води Обвинителството.
Во писмената изјава се додава дека нема да се откриваат поконкретни детали заради тајноста на предистражната постапка.
– Во периодот што следи ќе има зголемена фреквенција на лица во ова Јавно Обвинителство. Согласно Законот за кривична постапка (ЗКП) лицата кои се повикуваат ќе бидат од корист со нивните сознанија за разјаснување на околности по повод сите постапки кои се отворени во овој период. Постапките се однесуваат на досега објавените и необјавени неовластено прислушкувани разговори. Заради тајноста на предистражната постапка, поконкретни детали нема да се откриваат – изјави денеска Јанева.
Инаку, утре во СЈО е повикан градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски. Тој, како што соопштија од Општината е повикан во врска со нарачаните шлаканици врз него и демолирањето на бараката на Општината во 2013 година.
Градоначалникот на Центар еднаш веќе беше во СЈО, каде даде исказ во врска со проектот „Скопје 2014“ и со деталниот урбанистички план „Мал Ринг“.