На покана на Македонската радио телевизија, претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска во Дневникот за „Тема на денот” на 12.12.2023 година зборуваше за потребите и придобивките од воведувањето на уставната жалба.
Н:Последните неколку месеци интензивно водите кампања за подигнување на свеста за воведување на уставна жалба во Македонија. Може ли преку еден практичен пример да ни објасните што губиме што сега ја немаме таа уставна жалба и што на пример би добиле граѓаните доколку ја воведеме?
Кацарска: „Уставот гарантира заштита на приватноста. Пред неколку години македонската и светската јавност слушна за аферата со прислушувањето. Преку нив се навлезе директно во приватноста на над 20 илјади граѓани на Република Северна Македонија. Тие граѓани не можат да се обратат пред Уставниот суд за да бараат заштита. Мора директно да се обратат пред Судот во Стразбур. Еве ова е само еден пример каде има масовно кршење на човекови права а граѓаните се оштетени од аспект што не може да бараат таква заштита од матичната држава.
Н: Која е постапката за да се воведе уставна жалба?
Кацарска: Сметам дека треба да седнат политичарите на заедничка маса и да разговараат. Конечно да сфатат дека сите ние работиме за заеднички интерес на граѓаните. Тоа е првиот чекор, тие да се договорат. Понатаму треба преку амандмани да се измени и отвори Уставот и да се прошири надлежноста на Уставниот суд.
Н:Како би гласел тој член во Уставот што ќе се однесува на уставна жалба?
Кацарска: Нашата надлежност е регулирана во членот 110, тука станува збор за целокупната надлежност на Уставниот суд. Каде точно ќе реагираат пратениците, тоа е сепак нивна надлежност, кој член би го смениле, на кој начин. Доколку јас сега навлезам во тоа излегува дека преземам надлежност што не е моја, туку на пратениците. Се надевам дека тие знаат и умеат да го средат тоа.
Н: Барањето на уставна жалба не е надлежност на Судот туку на политичарите, зошто вие се залагате?
Кацарска: Зошто јас се залагам за воведување на уставна жалба иако не е моја надлежност, ќе кажам бидејќи кога дојдов во Уставниот суд забележав дека многу мал број на барања се поднесуваат до Уставниот суд. Си поставив себе си прашање, дали ние сме толку идеална држата, што не се повредуваат правата, па само мал број на граѓани се обраќаат до нас. Од друга страна најголемиот број на барања се отфрлаат во Уставниот суд и тоа со само една реченица „Уставниот суд, не е инстанционен суд”. Мои заложби беа да одлучуваме мериторно. Најпрво да видиме дали е основано тоа барање или не. И имаме тука мал напредок, сега претежно одлучуваме мериторно и освен тоа имаме една одлука за новинарот Влатко Стојановски од „Фокус”, негово барање за настаните од 27 април кога му беше попречена слободата на изразување на говорот. Точно е дека имав средба со државниот врв во просториите на Уставниот суд и тогаш разговаравме пред се околу пополнетоста на Судот, затоа што знаете вие медиумите дека еден период се работеше на работ на кворум. Втора тема за која разговарав со државниот врв беше уставната тужба, но еве и по протек на време од околу две години сеуште нема ништо ново.
Н: Дали доколку не гласаат пратениците има некој правен пат за воведување на уставна жалба?
Кацарска: Јас како правник не гледам друг пат, некои велат дека ние со Деловникот може да ја прошириме нашата надлжност, но во никој случај Деловникот не е над Уставот, но мислам дека не можеме. Се додека во членот 110 алинеја 3 јасно стои за кои слободи и права ние можеме да одллучуваме, не можеме сами да си ја прошируваме надлежноста.
Н: Добивте поддршка од Стево Пендаровски, неодамна и од министерот за правда, ова го промовиравте и пред граѓанскиот сектор, очекувате ли уште поголема поддршка?
Кацарска: Јас очекувам дека конечно ќе допре до пратениците сето ова што го зборам. Конечно да се договорат и да ја воведат уставната жалба. Би нагласила дека од регионот единствено Бугарија нема уставна жалба. Но пред два месеца бев во Софија, кога го формиравме Балканскиот форум на уставни судови и од претседателката на нивниот Уставен суд разбрав дека политичарите веќе сериозно работат на уставна жалба и многу скоро ќе ја воведат, што значи дека ние остануваме единствени што немаме уставна жалба. Како една од шестте републики на Југославија само Македонија ја нема уставната жалба, а останатите пет републики тоа го имаат веќе со години наназад. Жално е што секогаш ние како да се бориме и постојано работиме да бидеме последни. Во поглед на нивните искуства можам да кажам дека има голем број тужби кај нив, тоа се илјадници предмети. Факт е дека и кај нив најголемиот дел се отфрлаат, но има добар дел кои се од интерес на граѓаните. Ако само, не мора повеќе еве 50 такви барања ги заврши Уставниот суд, 50 помалку предмети пред судот во Стразбур. Тоа значи многу и за граѓаните и за државата.