Премиерот Заев заедно со министерката за правда, Рената Дескоска денеска се обратија на заедничка прес конференција на којашто најавија дека во владина постапка влегува Законот за прекршоци во кој се предвидуваат измени за намалување на висината на казните за правните и физички лица со што се воведува разумна казнена политика.
„Предвидуваме намалување на глобите за физичките лица за 75%. Со новото решение, минималната глоба за физичко лице е 15 евра, а максималната глоба ќе биде 250 евра, наместо досегашните 1000 евра. За правните лица, при одмерување на глобата ќе се води сметка за приходот остварен во претходната година, број на вработени и претходно санкционирање за исти или слични прекршоци. Во законот прват се прави градација помеѓу малите, средни и големи претпријатија“, соопшти премиерот Заев.
Министерката за правда, Рената Дескоска во своето обраќање потенцираше дека ова ново законско решение е во интерес на граѓаните и стопанствениците.
“Казнената политика нема да биде политика за полнење на буџетот, туку казнената политика ќе биде насочена кон опомена на оние коишто згрешиле“, истакна министерката Дескоска.
Овој закон ќе ги одреди рамките на казнената политика – висината на глобите за физичките и правните лица. Она што е особено значајно е тоа дека сега акцентот ќе се стави на опомената наспроти казнувањето, нешто што беше пракса во минатото.
Министерката Дескоска посочи дека околу 200 закони во кои е уредена висината на казната, ќе треба да се усогласат со Законот за прекршоци и нема да смеат да го надминат утврдениот минимум и максимум, а како примери на намалување на висините на глобите за физичките лица, министерката Дескоска ги наведе следните: доколку казната за нерегистрирано возило изнесувала 500 евра, со новиот закон ќе изнесува 250 евра, казната за технички неисправно возило сега изнесува 400 евра, со новиот закон истата не смее да надминува 250 евра, за предизвикување бучава казната сега изнесува 450 евра, со новиот закон сега казната нема да смее да надмине 250 евра.
Високите казни остануваат за прекршоци кои предизвикуваат општествена опасност како и оние кои што се против животната средина и уништувањето на културното богатство – истакна министерката Дескоска.
Извршната директорка на Стопанска Комора на Македонија, Билјана Пеева Ѓуриќ рече дека Законот за прекршоци е од особен интерес за претставниците на бизнис заедницата кој треба да биде коректив и поттик за деловните субјекти да можат да го корегираат своето работење и да ги исполнуваат сите предвидени законски обврски и дополни дека бизнис заедницата имала важна улога во процесот на креирање на законското решение.